Реновираните студентски домови ќе станат поскапи? Собранието по скратена постапка ги менува правилата за студентите

4

Студентската платформа „Студентарија“ алармира дека во Собранието, по скратена постапка, се носат измени на Законот за студентски стандард кои можат значително да го зголемат трошокот за живот на студентите. Предлог-законот, поднесен од група пратеници на 14 мај, предвидува нова категоризација на домовите и промена на моделот за стипендирање, без претходна јавна дебата со засегнатите страни.

Поскапо сместување во реновираните домови

Клучната промена е воведувањето на два типа студентски домови. Тип 1 ќе ги опфати реконструираните и енергетски ефикасните објекти, додека Тип 2 ќе бидат постоечките нереновирани домови.

Според „Студентарија“, оваа поделба директно ќе ја зголеми партиципацијата што ја плаќаат студентите. Кај домовите од Тип 1 (како што е веќе реновираниот „Гоце Делчев“ или домови како „Кузман“ и „Стив Наумов“ кои се во процес на обнова), Министерството за образование и наука (МОН) ќе покрива само до 40 отсто од сумата за сместување и храна. За разлика од нив, во нереновираните домови (Тип 2), државата ќе продолжи да покрива до 50 отсто.

„Ова значи дека студентите кои ќе имаат среќа да добијат место во подобар и реновиран дом, всушност ќе бидат казнети со повисока цена за сместување. Парадоксално е што реконструкциите се прават со европски грантови и кредити од десетици милиони евра, а товарот на крајот паѓа врз студентскиот џеб“, реагираат од платформата.

Кратење на социјалните стипендии за сметка на „стратешките“ програми

Освен кај сместувањето, измените предвидуваат и нов клуч за распределба на стипендиите. Државата планира да го намали процентот на стипендии наменети за социјално ранливите категории, а да го зголеми за оние програми кои ги смета за стратешки значајни.

  • Досегашен модел: 49% за социјални категории; 30% за висок успех; 20% за технички, медицински и природни науки.
  • Предложен модел: 40% за социјални категории и лица со попреченост; 35% за стратешки студиски програми; 25% за академски постигнувања.

Со ова, квотата за студенти од социјално загрозени семејства се намалува за речиси 10 отсто, што според студентските претставници може да го ограничи пристапот до високо образование за најранливите.

„Студентарија“ бара транспарентност

Од платформата изразуваат загриженост поради брзината со која се туркаат овие измени. Скратената постапка во Собранието оневозможува поширока јавна расправа и ги става студентите пред свршен чин. Тие бараат одговори од пратениците и МОН зошто се менуваат правилата на игра во предвечерието на новата академска година и дали овие промени се навистина во интерес на подобрување на студентскиот стандард.

Македонски