Милошоски обвинува за политичка спрега во случајот „Мазут“: Дали Абази и Коларевиќ ја сопреа истрагата по налог на Ахмети, Заев и Филипче?

10

Пратеникот и член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ, Антонијо Милошоски, денеска упати сериозни обвинувања за политичка корумпираност на истрагата за случајот „Мазут“, тежок 167 милиони евра. Тој директно ги посочи обвинителката Коларевиќ и шефот на Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК), Ислам Абази, како извршители на одлука донесена во интерес на поранешното и сегашното раководство на СДСМ и ДУИ.

На денешната прес-конференција, Милошоски ја доведе во прашање непристрасноста на обвинителката Коларевиќ, наведувајќи ја нејзината семејна блискост со структурите на претходната власт.

„Дали Коларевиќ, поради лични интереси и насоки од Абази, кои пак доаѓаат директно од Ахмети, Заев и Филипче, свесно ја сопре постапката за случајот ‘Мазут’? Ова е скандалозен пример како се штити криминал од 167 милиони евра преку партиски инсталации во правосудството“, праша Милошоски.

Спинување со доказите наместо вештачење

Милошоски обвини дека во истрагата бил направен свесен пропуст со цел да се затвори предметот. Според него, наместо задолжителното економско-финансиско вештачење, кое би ја утврдило реалната штета во ТЕЦ Неготино, Обвинителството се потпрело на искази од несоодветни лица.

„Наместо вештачење, користени се искази од лица кои не биле ниту одговорни, ниту компетентни да утврдуваат дали има штета во работењето на ТЕЦ Неготино. Со прекинувањето на оваа истрага директно се урива владеењето на правото во Македонија“, истакна Милошоски.

Барање за одговорност пред Советот на јавни обвинители

Поради овие сомнежи за злоупотреба на службената должност и притисок врз истрагата, ВМРО-ДПМНЕ побара итна реакција од повисоките инстанци.

„Бараме Советот на јавни обвинители веднаш да го испита работењето и постапките на обвинителите Абази и Коларевиќ во овој случај. Мора да се утврди дали нивните одлуки се темелат на правото или на политичките насоки од Мала Речица и Бихаќка“, заклучи Милошоски.

Случајот со набавката на мазутот стана нова точка на вриење меѓу власта и опозицијата, отворајќи ја дебатата за тоа дали обвинителството служи за прогон на криминалот или за негова легализација.

Македонски