Свлечиште во Шипковица ги евакуира жителите: Четири куќи под закана, стравот од трагичните поплави од 2015 година повторно оживеа

16

Свлечиште во тетовското село Шипковица синоќа околу три часот по полноќ ги загрози четири семејни домови, принудувајќи ги жителите да ги напуштат куќите и да се засолнат кај роднини. Вкупно 17 лица биле евакуирани поради ризикот од понатамошно лизгање на земјиштето.

Жителите велат дека ситуацијата е сериозна и алармантна, бидејќи земјата продолжува да се лизга од горниот дел, а во долниот се наоѓа поток кој во поплавите во 2015 година однесе четири животи.

„Се гледа дека земјата се лизга, страв ни е“

Мумин Велија, чиј дом е меѓу загрозените, раскажува дека свлечиштето се активирало ненадејно.

„Синоќа се излизга околу три по полноќ. Сега сме кај брат ми, не сме дома. Не знаеме што ќе биде понатаму. Сè е препуштено на проценка на надлежните инженери. Беа сите на терен – ЦУК, полиција, општина. Проектот за регулирање на потокот е одамна готов, требаше да биде реализиран, но до ден денес не е,“ вели Велија.

Егзон Куртиши додава:
„Бараме да го поправат што побрзо. Да не се излизга сè надолу и да не останеме без земја.“

Ислам Делија предупредува дека животите на жителите се директно загрозени и потсетува дека повеќе институции биле информирани, но без резултат.

„Од 2015 ни ветуваат. И проект има, но не го завршиле – 110 метри ги оставиле на милост и немилост. Имаше претставки и до УНДП и до Амбасадата на Швајцарија. Но општината и Министерството за екологија ништо не презедоа,“ вели тој.

Општина Тетово: Ситуацијата се следи, евакуирани се 17 лица

Од Општината Тетово за случајот дадоа краток писмен одговор.

„Кризен штаб на Општина Тетово, во соработка со ЦУК, одблиску ја следи ситуацијата во Шипковица, каде што свлечиште загрозува четири куќи. Членовите на четирите семејства се евакуирани и засолнети кај роднини. Вкупно 17 лица ги напуштија своите домови,“ стои во соопштението.

Не се соопштени конкретни мерки или рокови за стабилизирање на теренот.

Десет години по трагедијата – стравот останува

Шипковица уште живее со последиците и траумата од поплавите во 2015 година кога животот го загубија четири лица. Жителите велат дека секој дожд им го враќа стравот од нова катастрофа, особено додека инфраструктурните проблеми остануваат нерешени.

Теренот и понатаму е нестабилен, а мештаните бараат итна интервенција од надлежните институции пред да се случи поголема трагедија.

Makedonski