Алијансата за Албанците најави автономно делување и формирање независна пратеничка група
Претседателството на Алијансата за Албанците (АА) одржа седница на која се разгледуваше актуелната политичка состојба, исходот од локалните избори и понатамошните чекори на партијата, соопштија од оваа политичка организација на Зијадин Села.
Од партијата истакнуваат дека коалицијата во која учествуваа постигнала вкупна победа на национално ниво според бројот на гласови и освоените советнички места. Сепак, остануваат незадоволни од резултатите во трката за градоначалници, каде што, како што наведуваат, се соочиле со „моќен државен инженеринг“ и координирани дејства меѓу албанските партии во власта и македонските политички субјекти.
Според АА, овие процеси имале за цел спроведување на „платформата на ВМРО за дефакторизација на Албанците“, што довело до деградација на албанската заедница не само на централно, туку и на локално ниво. Партијата оценува дека токму Албанците како заедница биле најголемите губитници во изборниот процес.
И покрај тоа, Алијансата нагласува дека останува посветена на „националната кауза“ и на унапредувањето на правата и позицијата на Албанците во Северна Македонија.
По опсежна расправа, Претседателството едногласно донело одлука партијата да дејствува автономно. Во наредните денови, пратениците на АА ќе ја формализираат одлуката во Собранието со формирање независна пратеничка група.
„Алијансата за Албанците останува силен опозициски глас на Албанците,“ стои во соопштението, во кое се додава дека партијата ќе го задржи контактот со субјектите од албанската опозиција, за што веќе биле информирани дотогашните коалициски партнери.
Партијата најавува и засилени теренски активности во следниот период, преку средби со членството, граѓаните и различни општествени и политички организации, со цел зајакнување на структурата и продолжување на политичката борба во, како што велат, „многу чувствителен период за Албанците во Северна Македонија“.