Зелен хуман град: Ограничувањето на терминот за фрлање ѓубре нема да го намали отпадот – се игнорира вистинското загадување
Од денеска стапува во сила одлуката на Град Скопје отпадот од домаќинствата да се фрла само од 6 до 22 часот. Одлуката ја воведе градската администрација со образложение дека се воспоставува ред во управувањето со комуналниот отпад и се спречуваат злоупотребите на контејнерите. Контролата ќе ја вршат 20 комунални инспектори и 20 комунални редари, кои ќе работат во три смени, односно 24 часа дневно.
Од Зелен хуман град (ЗХГ) остро реагираат дека мерката нема да го намали отпадот и дека наместо да се решаваат главните извори на загадување, градот ја префрла одговорноста врз граѓаните.
„Ѓубрето нема да се намали ако се намали времето во кое смее да се фрла. Очигледно е дека за новата градска администрација контејнерите повеќе загадуваат отколку индустријата“, велат од ЗХГ.
Од таму критикуваат дека се ангажираат десетици инспектори за контејнерите, додека градот нема доволно инспектори за животна средина и нема трета смена која би реагирала при загадување на воздухот.
Во реакцијата ЗХГ потсетува дека со години барале засилени еколошки инспекции и реални мерки против индустриските загадувачи, но наместо тоа, бил зголемен буџетот за „истражување на мерки“, иако од организацијата веќе поднеле над 50 научно потврдени предлози.
„Се труеме од аерозагадување, а се воведува трета смена за контрола на контејнери. Очигледно е дека приоритетот е да се удри по џебот на граѓаните, наместо по мултимилионските титански загадувачи“, наведуваат од организацијата.
Казната за физички лица што ќе фрлат отпад надвор од дозволениот термин останува 50 евра, додека за правни субјекти се движи од 1.300 до 1.800 евра. Од Град Скопје велат дека главната цел е да се спречи угостителските објекти и фирмите да ги преполнуваат контејнерите наменети за домаќинства, и отпадот да се собира поефикасно.
ЗХГ, пак, предупредува дека ограничувањето на терминот нема да го подобри квалитетот на воздухот и оцени дека мерката нема суштинска корист за граѓаните.