Централниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ донесе одлуки за делегати, организација на Конгресот и кадровски промени
Централниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ вчера одржа седница на која беа усвоени повеќе одлуки поврзани со подготовките за редовниот партиски Конгрес што ќе се одржи на 6 декември во Кавадарци.
Комитетот изгласа одлука за избор на делегати кои ќе учествуваат и гласаат на Конгресот. Очекувано е да присуствуваат над 800 делегати, а генералниот секретар Ѓорѓија Сајкоски доби овластување да ја финализира листата, согласно статутарните одредби на партијата.
Паралелно, беше формиран организациски одбор задолжен за подготовка и спроведување на Конгресот.
На седницата беа донесени и две кадровски одлуки. Илија Стоилев е разрешен од функцијата претседател на Општинскиот комитет на ВМРО-ДПМНЕ во Свети Николе, поради случајот поврзан со наводна злоупотреба на средства во Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој.
Од функцијата претседател на Општинскиот комитет на ВМРО-ДПМНЕ во Македонска Каменица е разрешен и Гоце Стоиловски.