Советничката група на СДСМ ја напушти седницата во Кочани поради, како што тврдат, грубо кршење на Деловникот
Советничката група на СДСМ денеска ја напушти седницата на Советот на општина Кочани, обвинувајќи дека мнозинството предводено од ВМРО-ДПМНЕ го прекршува Деловникот за работа и ги погазува законските правила уште од стартот на новиот мандат.
Од СДСМ реагираат дека ВМРО-ДПМНЕ само две недели по преземањето на локалната власт ја претвора општината во „партиски штаб“, каде не важат принципите на законитост и професионалност.
Според нив, претседателот на Советот истовремено извршува и функција директор на основно училиште, што – како што наведуваат – претставува класичен судир на интереси. Дополнително, друг член на Советот во исто време е и вработен во општинската администрација, што, според СДСМ, е спротивно на законот и може да повлече кривична одговорност.
„Ова не се само два јасни случаи на судир на интереси, туку се доведува под прашање и легалноста на сите досегашни одлуки на Советот“, велат од партијата.
СДСМ бара итно повлекување од спорните функции, во спротивно најавува поднесување претставки до Антикорупциската комисија (ДКСК) и до сите надлежни институции.
„Во ВМРО-ДПМНЕ ништо не се менува. Очигледно, Кочани повторно ќе биде место на злоупотреби за партиски интереси, наместо политика во корист на граѓаните“, стои во реакцијата.