Судскиот совет, Врховниот суд и Здружението на судии: Коментарите на премиерот се паушални и ја нарушуваат независноста на судството
Судскиот совет, Врховниот суд и Здружението на судии денеска остра реагираа на јавните изјави на премиерот, оценувајќи дека неговите коментари за судиите и судството ја преминале границата на доброто однесување и претставуваат неаргументирани и паушални напади.
„Критиката е добронамерна само кога содржи конкретни забелешки и предлози за решавање на проблемите. Неаргументираната критика само покажува намера ништо да не се преземе за подобрување на состојбите и ја префрла општествената апатија како вина врз судиите“, се наведува во заедничкото соопштение.
Судските институции потсетуваат дека судскиот систем никогаш не генерирал државни долгови и дека нема никаква поврзаност меѓу судството и државниот долг од 2 милијарди евра, кој произлегува од задолжувањата на извршната власт. Напротив, судовите преку наплата на паушали и парични казни континуирано придонесуваат во полнењето на државната каса, а истовремено не добиваат соодветна поддршка за нови вработувања, дигитализација и модернизација на судниците.
Во реакцијата се потсетува и на последниот извештај на Европската комисија, во кој како најголем предизвик за македонското судство се идентификува поткопувањето на независноста на судиите од страна на извршната и законодавната власт. Финансиската зависност на судството од буџетот, вклучително и платите на судиите, е посочена како клучен проблем што државата мора да го реши за да напредува кон ЕУ.
„Со ваквите коментари го нарушувате демократскиот принцип на рамноправност меѓу трите власти – судска, законодавна и извршна. Судската власт е уставна категорија, а Уставот и независноста на судството мора да се почитуваат“, стои во соопштението.