Јакимовски по поразот во Карпош: „Не признава победа на ВМРО-ДПМНЕ — изборите беа злоупотребени и нечесни“
По тесниот пораз во вториот изборен круг во општина Карпош, лидерот на ГРОМ и поранешен градоначалник, Стевчо Јакимовски, остро го критикуваше изборниот процес, нарекувајќи го „системска злоупотреба“ и „организирано крадење на волјата на граѓаните“. Според официјалните резултати, Јакимовски загуби со 1.134 гласа разлика од кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ, Сотир Лукровски, кој освои 13.512 гласа, наспроти неговите 12.378.
Во изјава по изборите, Јакимовски обвини дека изборниот процес бил далеку од фер и демократски.
„ВМРО-ДПМНЕ, во Карпош не победивте, туку го украдовте. Не го признав поразот, затоа што борбата не беше витешка, туку кукавичка“, изјави тој.
Тој нагласи дека од 2000 година наваму сите избори во Карпош биле „кристално чисти“, а поразот од 2017 година го признал веднаш, бидејќи, како што рече, тогаш победата на противникот била чесна. Овојпат, пак, тврди дека изборниот резултат бил резултат на поткуп, уцени и медиумска блокада.
„Граѓаните не заслужуваат нефер игра. Вие ги купувавте ромските и албанските гласови, ги вклучивте дилерите на дрога, плаќавте долгови по кладилници — само за да обезбедите гласови. Делевте брашно, се заканувавте, а медиумите беа целосно ваши. Без реклама, без простор, се боревме само со чесност и поддршка од граѓаните“, наведе Јакимовски.
Тој дополнително обвини дека на гласачите им се нуделе 50 евра за одземање на лична карта, а 100 евра за доставено гласачко ливче заокружено за број 9. Исто така, посочи дека биле пријавени нерегуларности на избирачките места, како двојни гласачки ливчиња и манипулации со таканаречени „бугарски возови“.
„На една страна јас, мојот пи-ар и неколку поддржувачи, а на другата цела држава, олигарси и владини структури. И покрај тоа, резултатот е само илјада гласа разлика. Не ме победивте мене — ги надитривте граѓаните на Карпош“, порача Јакимовски.
Со оваа изјава, Јакимовски најави дека нема да го признае изборниот резултат, а неговите тврдења за нерегуларности засега немаат официјална потврда од надлежните институции.