Пупу не важи – Портпаролот на ЗНАМ, Мемов, се огради од својата критика кон ВЛЕН: „Ставот е личен, не на партијата“
Портпаролот на движењето ЗНАМ – За наша Македонија, Никола Мемов, денеска се огради од изјавата што ја објави синоќа на социјалните мрежи, во која упати критики кон коалициониот партнер ВЛЕН. Во новата објава на својот фејсбук-профил, Мемов нагласи дека неговите зборови претставувале личен став, а не став на партијата.
„Вчерашната објава на мојот фејсбук-профил во однос на поддршката помеѓу партнерите во Владата на локалните избори е мој личен став и не изразува став на движењето ЗНАМ – За наша Македонија“, напиша Мемов.
Тој призна дека неговиот коментар „предизвикал внимание, но и негативни реакции“, додавајќи дека успехот на коалицијата на локалните избори е резултат на взаемната поддршка помеѓу партнерите.
„Победата на овие локални избори што ја остварија ВМРО-ДПМНЕ, ЗНАМ и ВЛЕН е резултат на нашата соработка во сите општини во Македонија, што е потврда на имплементацијата на конзистентните политики на Владата во изминатиот период“, наведе Мемов.
Тој повика владините партнери да продолжат со заедничката работа и по локалните избори, оценувајќи дека поставените политички цели се успешно реализирани.
„По локалните избори, владините партнери треба да продолжат во ист правец, затоа што зацртаните политички цели за овие избори се остварени“, додаде Мемов.
Да потсетиме, во неговата објава од вчера, Мемов остро ја критикуваше партијата ВЛЕН, обвинувајќи ја дека ја „изиграла“ ВМРО-ДПМНЕ во вториот круг на локалните избори во Скопје, тврдејќи дека дел од поддршката недостасувала за кандидатот Орце Ѓорѓиевски, што според него претставувало „голема грешка“.