По локалните избори – на ред измени на Изборниот законик
Измените на Изборниот законик се враќаат на агендата на Собранието по завршувањето на локалните избори, откако во јавноста повторно се отвори прашањето за финансирањето на изборните кампањи и пристапот до државни ресурси за медиумско рекламирање.
Причина за новите иницијативи е фактот што Левица остана без пристап до буџетски средства за изборна реклама, додека партијата ЗНАМ му го отстапи својот рекламен простор на ВМРО-ДПМНЕ, бидејќи според актуелниот закон, државни пари за реклама добиваат само двете најголеми партии – една од власта и една од опозицијата.
На првата координација кај претседателот на Собранието, Африм Гаши, по локалните избори, координаторите на пратеничките групи се согласиле дека е потребен консензус за носење измени на Изборниот законик.
„Сите се соочивме со повеќе проблеми од актуелниот Изборен законик од 2021 година, особено во делот на финансирањето на изборната кампања, што не одговара на сегашните политички околности. Се постигна разбирање меѓу партиите дека координаторите ќе седнат и ќе изнајдат решение кое ќе одговара на новите предизвици. Денес имаме три владејачки и три опозициски партии, па потребна е нова формулација за да се избегнат идни нејаснотии“, изјави Гаши.
Претседателот на Собранието не откри кои конкретни одредби би биле опфатени со измените, но најави дека работата на законот ќе почне веднаш по конституирањето на локалните совети и завршувањето на изборниот процес.