Општ хаос по најавата на Влен дека ќе гo поддржи кандидатот на ДУИ во Кичево, а во Брвеница отвора „национален“ фронт против актуелниот градоначалник и кандидат Јовица Илиевски
Лидерот на Беса, Билал Касами, во интервју за албанската телевизија Сири изјави дека пред вториот круг од локалните избори не станува збор за коалициско договарање, туку за национално мобилизирање.
Касами, кој во првиот круг победи на градоначалничките избори во Тетово со поддршка од коалицискиот партнер во Владата – ВМРО-ДПМНЕ, појасни дека движењето ВЛЕН во вториот круг во Кичево ќе го поддржи кандидатот на ДУИ, Фатмир Дехари, а не вмровскиот кандидат Александар Јовановски.
„Нашиот кандидат за градоначалник на Кичево, министерот за труд Фатмир Лимани, испадна во првото гласање и природно е албанските гласови да одат кај кандидатот на ДУИ“, изјави Касами.
Тој додаде дека очекува албанските гласачи да се здружат и во Брвеница, каде што досегашниот градоначалник Јовица Илиевски од ВМРО-ДПМНЕ е во предност пред кандидатот на ВЛЕН, Хажим Рамадани. Рамадани, како што потсети Касами, веќе ги отстранил плакатите со ознаката на ВЛЕН и повикал на обединување на сите Албанци во општината.

Влен во Брвеница веќе ги остранува своите предизборни рекламни материјали се со цел да го отслика „националното обединување“ врз чии „плеќи“ очекува да ја освои општината.
Касами очекува слична мобилизација и во Долнени, каде во вториот круг ќе се соочат кандидат на Беса и претставник на ВМРО-ДПМНЕ.
Во меѓувреме, ВМРО-ДПМНЕ им даде јавна поддршка на кандидатите на ВЛЕН во Чаир, Сарај, Тетово и Струга, каде што дел од нив веќе победија, а дел ќе одат во втор круг.
 
			