Мециновиќ: Влеговме во вториот круг затоа што илјадници луѓе во Скопје решија да застанат на страната на промената
Кандидатот за градоначалник на Скопје од Левица, Амар Мециновиќ, синоќа изјави дека во вториот круг на локалните избори ќе ја победи „визијата која 30 години ја креира судбината на Македонија“. Изјавата дојде по објавата дека тој ќе се соочи со кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ, Орце Ѓорѓиевски, во вториот круг што ќе се одржи на 2 ноември.
„Денеска не само што Левица влезе во втор круг, туку денеска се разбуди Скопје. Граѓаните покажаа храброст и подготвеност да изберат поинаку. Левица испиша историја, бидејќи за првпат во историјата на Македонија, кандидат во главниот град не е поддржан ниту од ВМРО-ДПМНЕ, ниту од СДСМ“, изјави Мециновиќ.
Тој нагласи дека поддршката што ја добил е резултат на желбата на скопјани за промена.
„Влеговме во вториот круг затоа што илјадници луѓе во Скопје решија да застанат на страната на промената. Имаме јасен избор – една визија која 35 години ја води Македонија во корупција и криминал, и нашата визија, визијата за град во кој сите ќе сакаме да живееме“, рече кандидатот на Левица.
Мециновиќ додаде дека Скопје сака да биде „слободен град“, ослободен од политички елити кои, како што рече, „немаат интерес за потребите на скопјани“.
„Во второто полувреме ќе ја победиме визијата што 30 години ни ги крои судбините. Скопје во наредните недели ќе одлучи за својата иднина и ништо повеќе нема да биде исто. Ова не е борба на еден човек или една партија – ова е борба на повеќе генерации, борба која 30 години ја чекаме. Денеска конечно дојде денот кога ВМРО и СДСМ нема да ни ја определуваат судбината“, порача Мециновиќ, повикувајќи ги сите разочарани граѓани да се приклучат на, како што рече, „борбата за ново Скопје“.