Претходна
Во сабота, во Народниот театар во Штип, ќе се одржи меморијален концерт посветен на прерано загинатиот музичар Филип Стевановски, чиј живот трагично згасна во пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани.
Настанот е во организација на Макбрас Асоцијацијата и Скопскиот Брас Фестивал, а ќе собере врвни македонски тромбонисти и професори, кои преку музика ќе му оддадат почит на својот колега и ученик.
На концертот ќе настапат квартетот тромбони „Макбрас“и тромбонски ансамбл составен од 12 музичари, меѓу кои и легендарниот тромбонист Кирил Рибарски, кај кого Филип дипломирал на Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип, како и реномираниот професор Ташко Тодоров, неговиот наставник од средното музичко училиште.
Покрај нив, во составот ќе настапат и Владан Дробицки, Бранко Илиевски, Филип Богоевски, Никола Ристевски, Виктор Богоевски, Никола Стојановски, Алек Ѓорѓиев, Лука Костовски (тромбон), како и Александар Ниниќ и Виктор Грижев (туба).
Организаторите најавуваат дека концертот ќе прерасне во традиција во чест на Филип — музичар со исклучителен талент и посветеност, кој подеднакво виртуозно свиреше на тромбон и пијано.
„Филип остави зад себе бројни видео и аудио записи со авторски композиции и изведби. Овој концерт е наш начин да ја продолжиме неговата музичка приказна,“ велат од Макбрас Асоцијацијата.
На програмата ќе бидат изведени познати џез композиции, како и пет авторски дела на Филип Стевановски, специјално аранжирани за овој настан од Владимир Ботев.
📍 Настанот е од хуманитарен карактер, а влезот е слободен.
На локацијата ќе бидат поставени кутии за донации наменети за семејствата на настраданите во пожарот во Кочани.

Претходна