Сеќавање на Тодор Скаловски-Тетоец: Дваесет и две години од смртта на музичкиот автор на македонската химна
Тодор Скаловски – Тетоец (1909–2004)
Тодор Скаловски е роден на 21 јануари 1909 година во Тетово, а починал на 1 јули 2004 година во Скопје.
Потекнува од семејство на трговци.
Музичко образование завршил во Белград, а диригентството го усовршувал на Конзерваториумот „Моцартеум” во Салцбург кај професорот Вилхелм Фуртвенглер.
Во Белград учел кај професорите К. Манојловиќ, М. Милоевиќ и Ј. Славенски.
Од 1936 година почнал да работи како наставник по музика и диригент на повеќе хорови во Скопје, Белград и Битола. Скаловски бил долгогодишен соработник на Ловро Матачиќ.
Категоризиран е во првата генерација македонски повоени композитори.
Автор е на голем број вокални, вокално-инструментални и сценски композиции, а покрај творештвото и диригирањето се занимавал со педагошка работа и организација на музичкиот живот во современа Македонија.
Основач е, прв шеф-диригент и директор на Македонската филхармонија во 1944, на Македонската опера и балет во 1947, како и прв заменик главен уредник на Македонското радио.
Како организатор на музичкиот живот, Скаловски е основач на неколку меѓународни музички фестивали во Македонија, какви што се „Охридско лето” и биеналниот меѓународен хорски фестивал во Тетово – ТЕХО.
Тодор Скаловски е познат по креативната употреба на македонските фолклорни мотиви, традицијата и црковнословенската музика во неговите композиции.
Со употребата на хармонија, тонални и модални системи, и лиризмот тој е сличен на српскиот композитор Мокрањац и македонскиот композитор Трајко Прокопиев, иако во некои дела како „Македонско оро”, Скаловски користи драмски елементи кои се сметаат како музички пандан на „Тешкото” на Блаже Конески.
Тој исто така пишувал и духовна музика.
Меѓу најпознатите негови дела спаѓаат „Македонско оро”, „Македонска хумореска”, „Шарпланинска приспивна”, свитата „Балтепе”, ораториумот „Земја, камен”, како и „Величанија Кирилу и Методију”.
Особено важно е што токму Тодор Скаловски го изработил музичкиот аранжман на државната химна „Денес над Македонија”, која и денес е изведувана како национална химна.
Тодор Скаловски ја компонирал музиката, а Владо Малески го напишал текстот на песната во раните 1940-ти. Химната е усвоена во 1992 година, речиси година дена по прогласувањето на независноста од Југославија.
Еден е од првите членови на Сојузот на музичките уметници и Сојузот на композиторите на Македонија, а од 1975 година е член на Македонската Академија на Науките и Уметностите (МАНУ).
Добитник е на бројни награди, признанија, одликувања, благодарници, повелби, плакети и статуети, како што се: највисока награда на Република Македонија за животно дело „11 Октомври” (1966); највисока награда за музичко творештво на некогашна СФРЈ „АВНОЈ” (1981); награда за животно дело „Трајко Прокопиев” од Сојузот на композиторите на Македонија (1992); златна плакета „Македонска филхармонија, 55 години” (1999) и др.
Од 2001 година, Основното музичко училиште во Тетово го додава името на композиторот академик Тодор Скаловски – Тетоец, основоположник на музичкиот живот во Македонија по Втората светска војна.
Дури и повеќе од две децении по неговата смрт, делото на Тодор Скаловски продолжува да живее преку концертите, музичките институции што ги основа и генерациите музичари кои ги инспирираше. Неговата визија и посветеност остануваат дел од културниот идентитет на Македонија.