РЕАКЦИЈА ОД СТРУГА: Сиљановска-Давкова го нарече „трагедија“ предлогот за укинување на самостојниот статус на Струшките вечери на поезијата
Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова упати остра критичка порака кон Министерството за култура и туризам поради иницијативата – поднесена во периодот кога со овој ресор раководеше Зоран Љутков – Струшките вечери на поезијата (СВП) да го загубат статусот на самостојна национална установа и да станат обичен сектор во рамките на Центарот за култура „Браќа Миладиновци“ во Струга.
Оценувајќи ја ваквата идеја како вистинска „трагедија“, претседателката нагласи дека таа е директен показател за целосно неразбирање на значењето на културата од страна на ресорните институции.
„Дали оние во културата изопшто разбираат што е култура?“
Сиљановска-Давкова за време на својата посета на Струга истакна дека била длабоко шокирана кога дознала за предлогот, потсетувајќи дека овој реномиран фестивал повеќе од шест децении е еден од најпрепознатливите македонски брендови во светот и носител на културната дипломатија.
„За мене тоа е трагедија. Би било разбирливо ваква идеја да произлезе од институција која нема директна врска со културата, но кога доаѓа од ресорното министерство, тоа за мене е целосно неразбирливо. Во таков случај се поставува прашањето: дали оние во културата уште разбираат што е култура?“, изјави претседателката.
Таа додаде дека државата треба да оди во сосема спротивна насока – да го зајакнува фестивалот финансиски, инфраструктурно и програмски, преку дигитализација, обезбедување нов простор и поддршка за меѓународен развој, а не да го сведува на пониско административно ниво.