Во недела Скопски маратон 2025 – посебен режим на сообраќај
Во недела, на 5 октомври 2025 година, со почеток во 08:00 часот ќе се одржи „Скопскиот маратон 2025“. Трката ќе се одвива по неколку траси – на 5 километри, полумаратон, маратон и штафетна трка, кои ќе минуваат низ централните и источните делови на градот.
Стартот на трката на 5 километри е пред Зелен пазар на ул. „11 Октомври“, а целта на Плоштад „Македонија“. Маратонската и полумаратонската патека, како и штафетната трка, започнуваат пред Собранието на РСМ и се движат низ улиците „Димитрие Чуповски“, „Митрополит Теодосиј Гологанов“, „Војвода Васил Чакаларов“, „Јане Сандански“ и други главни сообраќајници, пред повторно да завршат на плоштадот.
Поради одржувањето на настанот, Единицата за безбедност на патниот сообраќај при СВР Скопје ќе воведе посебен режим на движење, а сообраќајот ќе биде пренасочуван по алтернативни улици.
Министерството за внатрешни работи апелира граѓаните да ги почитуваат насоките и наредбите на полициските службеници долж трасите каде ќе се одвива маратонoт.