Повторно пожар над Арачиново – жители од Аеродром и Ново Лисиче се жалат на чад
Повторно е активиран пожар на депонијата над скопско Арачиново, информираат вечерва од Центарот за управување со кризи (ЦУК). На терен интервенираат екипи на скопската Бригада за противпожарна заштита.
Од ЦУК утринава соопштија дека претходно пожарот во Арачиново, каде што гореа ѓубре и ниска вегетација, бил локализиран и изгаснат.
Во меѓувреме, жителите на скопските населби Аеродром и Ново Лисиче на социјалните мрежи вечерва пријавуваат силен мирис на чад, со сомнеж дека повторно гори депонијата во Вардариште.
Сепак, од Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС) ги демантираат овие информации. Оттаму наведуваат дека по проверки направени во координација со Министерството за внатрешни работи, не било лоцирано горење во Вардариште.
 
			