ИВЗ доби градежна дозвола за ново административно седиште под Скопското Кале: Решение за долгогодишниот имотен спор
Исламската верска заедница (ИВЗ) соопшти дека обезбедила градежна дозвола за изградба на нова административна зграда на својот имот во близина на Скопското Кале.
Новото седиште под Кале треба да ги обедини сите дирекции и административни единици на Ријасетот, што според раководството на ИВЗ претставува инвестиција во модернизација на институцијата и унапредување на услугите за верниците.
Во официјалното обраќање, поглаварот Фетаи упати благодарност до сите структури на Заедницата, муфтиствата, Факултетот за исламски науки и Медресата „Иса Беу”, но посебно го истакна и придонесот на поранешниот поглавар Сулејман еф. Реџепи.
Фетаи упати благодарност и до Владата, Градот Скопје, Општина Центар, како и до претставниците на албанската владејачка коалиција ВЛЕН за нивниот ангажман во надминувањето на административните пречки.
Историјатот на земјиштето: Спорови за денационализација и приватни парцели
Зад актуелната најава стои повеќедецениска историја на нерешени имотни односи. Во март 2019 година, ИВЗ предводена од Сулејман Реџепи алармираше дека од 350 барања за денационализација биле решени само 40 проценти.
Во тој период, ИВЗ бараше простор за резиденција на поглаварот во близина на Француските гробишта под Кале, тврдејќи дека 80.000 евра сопствени средства биле вложени во урбанизација. Реџепи тогаш обвинуваше дека ветеното земјиште од државата било продадено на бизнисменот Орце Камчев и медиумската групација МПМ.
Иако засега нема јавно достапна документација дали новообезбедената парцела е идентична со онаа од спорот во 2019 година, добивањето градежна дозвола укажува на финализација на имотно-правното разграничување на просторот околу скопското кале.
Урбанистичкиот план на Центар од 2026 година го отвори патот
Правниот рамка за реализација на проектот беше овозможена во март 2026 година, кога Советот на Општина Центар ги усвои деталните урбанистички планови за градските четврти ЦС 14 („Кале и СРЦ Кале”) и ЦС 01 („Француски гробишта, Тетовска трошарина и Парк 2″).
Со овие ДУП-ови за првпат целосно се доуреди просторот околу скопското кале — на дел од приватните парцели беа предвидени пониски објекти од категоријата П+3 (хотели и деловни простории), додека на остатокот беа дефинирани парковски површини и јавна инфраструктура.
Нова спортска сала во Кондово
Покрај административната зграда под Кале, ИВЗ најави уште еден капитален проект — поставување камен-темелник за изградба на спортска сала во рамките на Исламската гимназија „Иса Беу Медреса” во селото Кондово, општина Сарај.
Во објавеното соопштение ИВЗ не откри детали за финансиската вредност на двете инвестиции, изворите на финансирање, роковите за изградба ниту изведувачите кои ќе ги реализираат градежните работи.