Европска дебата за „забранетото вино”: Француски европратеник бара укинување на децениската забрана за шест американски сорти грозје

Францускиот европратеник Ерик Сарџакомо покрена иницијатива за укинување на ограничувањата за комерцијално производство на вино од шест американски сорти грозје — ноа, отело, изабела, жакез, клинтон и хербемон — кои во Европа се забранети уште од триесеттите години од минатиот век.

5

Сарџакомо, кој ги предводи преговорите за измена на правилата на ЕУ за земјоделските пазари, смета дека забраната е застарена и нелогична. Според него, вината произведени од овие сорти можат слободно да се увезуваат и консумираат во Европа, додека нивното комерцијално производство на европска територија останува забрането.

Станува збор за сорти кои во Европа пристигнале од Северна Америка во 19 век. Франција прва ја забранила нивната употреба во производството на вино во триесеттите години, во период на голема криза предизвикана од прекумерното производство и падот на цените, а во следните децении слични ограничувања вовеле и други европски земји. Тогашните власти тврделе дека овие сорти го загрозуваат квалитетот и меѓународната репутација на француското вино.

„Проблемот не е во сортите, туку во начинот на производство”

Застапниците на иницијативата тврдат дека современите винари располагаат со знаење и технологија за производство на квалитетно вино и дека потрошувачите и пазарот треба да одлучат дали овие вина ќе најдат свое место во понудата.

„Проблемот не мора да биде во самите сорти грозје, туку во начините на производство што се применувале во минатото. Производителите треба да имаат поголема слобода при изборот на сортите што ќе ги одгледуваат”, оценува стручњакот за лозарско наследство Жером Вијаре.

Отпор од винските велесили

Иницијативата, сепак, наидува на сериозен отпор од дел од винската индустрија. Противниците предупредуваат дека американските сорти можат да дадат високи приноси, што би создало дополнителен притисок врз и онака заситениот европски вински пазар. Како проблем се посочува и специфичниот, мошусен вкус на вината произведени од овие сорти, кој во винската индустрија често се смета за непожелен.

Франција, Италија и Шпанија и претходно се спротивставиле на сличен предлог на Европската комисија од 2019 година, тврдејќи дека легализацијата може да го загрози угледот и препознатливоста на европските вина. Покрај квалитетот, противниците ги отвораат и прашањата за отпорноста на сортите на болести, производните капацитети и односот меѓу понудата и побарувачката, особено во услови на намалена потрошувачка на алкохол во Европа.

Парламентот „за”, Советот „против”

Европскиот парламент претходно оваа година поддржал измени со кои би се овозможила легализација на овие сорти, но амандманите биле отфрлени во преговорите со Советот на ЕУ, поради противењето на земјите со развиено винско производство.

Сарџакомо сега се обидува спорните измени да ги вклучи во новата регулатива за заедничка организација на пазарите на земјоделски производи, која треба да се применува по 2027 година, со што дебатата за „забранетото вино” повторно се враќа на европската политичка сцена.