Пукотница на главниот плоштад во Краков: Петмина убиени, напаѓачот во критична состојба по операција
Пет лица загинаа во пукотница на главниот плоштад во Краков, а осомничениот напаѓач — полски државјанин на возраст од околу 24 години — се наоѓа во критична состојба по хируршка интервенција, објавија полските медиуми.
Според неофицијални информации на порталот „Полиш Онет”, осомничениот има 24 години и е во критична состојба по операцијата. Претходно, радиото RMF FM објави дека имал 25 години, па неговата точна возраст сè уште не е официјално потврдена.
Портпаролката на регионалната полиција Катаржина Цисло потврди за „Онет” дека напаѓачот е полски државјанин. Таа откри и дека тој немал никакви лични документи со себе, а полицијата го утврдила неговиот идентитет преку оперативна работа.
Полицијата демантира убиен полицаец и втор напаѓач
По првичните информации во медиумите за можна вмешаност на повеќе лица, полицијата излезе со јасен демант преку социјалната мрежа X.
„Сторителот на инцидентот на главниот плоштад во Краков е државјанин на Република Полска. Ги негираме информациите дека е убиен полицаец и дека се бара втор сторител. Единствениот познат сторител е под полициски надзор”, објави полицијата.
Истрагата за мотивите и околностите на нападот е во тек, а безбедносните служби го обезбедуваат подрачјето околу главниот плоштад во Краков.