ЛДП собира потписи за референдум: Електронски нараквици за насилниците по трагедијата во Богданци

Либерално-демократската партија (ЛДП) покрена онлајн петиција со која бара 10.000 потписи за распишување референдум за итно воведување електронска нараквица за насилниците и сторителите на семејно насилство, по трагедијата во Богданци каде што беа пронајдени две безживотни тела.

2

Иницијативата доаѓа откако пратениците во Собранието двапати го одбија предлог-законот за воведување електронски нараквици. Пратеничката на ЛДП Моника Зајкова реагираше на социјалните мрежи по повторното одбивање, а идејата се реактуелизира по трагедијата во Богданци, каде што неделава беа пронајдени две безживотни тела, на која и претходела пријава за партнерско насилство врз 17-годишна девојка.

Како би функционирала нараквицата?

Според ЛДП, електронската нараквица би служела како превентивен и заштитен механизам за жртвите на насилство.

„Електронската нараквица ќе ја предупреди жртвата и ќе ги алармира надлежните кога насилникот е поблиску од законски утврденото растојание. Потпишете сè!”, повикуваат од партијата.

850 потписи досега

Од потребните 10.000 потписи за распишување референдум, ЛДП досега собрала 850. Петицијата е достапна онлајн, а од партијата ги повикуваат граѓаните масовно да се вклучат во иницијативата.

Трагедијата во Богданци повторно ја отвори дебатата за ефикасноста на постоечките механизми за заштита на жртвите на семејно и партнерско насилство и за потребата од построги мерки за следење на сторителите на кои им е изречена забрана за приближување.