ЕФА алармира: Засилени притисоци, заплашување и судски прогон врз македонското и турското малцинство во Грција
Работната група за јазични и малцински права на Европската слободна алијанса (ЕФА) изрази сериозна загриженост поради ескалацијата на институционалното заплашување, координираните притисоци и судското прогонување на припадниците на македонското и турското малцинство во Грција, оценувајќи ги како спротивни на европските стандарди за човекови права.
Во декларацијата на ЕФА се наведува дека во текот на летата 2024 и 2025 година, како и во периодот што следува, притисоците врз двете малцински заедници значително се интензивирале, преминувајќи од административни пречки кон координирани активности на заплашување, кривичен прогон и судско вознемирување.
Особено загрижувачки се случаите на попречување на културните манифестации на Македонците во Леринскиот регион. Според ЕФА, грчките власти интервенирале на локални фестивали на кои се пеело и играло на македонски јазик, користејќи инспекциски контроли, пријави за бучава и предвремено прекинување на настаните.
Како конкретни примери се посочуваат настаните во Ајтос и Аминдео, како и прекинувањето на настап на македонски јазик во Слатино од страна на заменик-обласен гувернер. Работната група предупредува и на поднесување колективни кривични пријави против припадници на македонската заедница, со цел заплашување на населението и спречување на одржувањето традиционални културни манифестации.
Дополнително, грчки адвокат поднел широка тужба против 15 припадници на македонското малцинство, организацијата „Крсте Мисирков” и Партијата на пријателството, еднаквоста и мирот (ДЕБ), која ги претставува интересите на турското малцинство.
Притисоци врз турското малцинство во Западна Тракија
ЕФА изразува загриженост и поради случувањата во турската малцинска заедница во Западна Тракија. Во декларацијата се потсетува на инцидентот во октомври 2024 година во џамијата „Чинар” во Ксанти, кога муфтии назначени од грчките власти, чиј легитимет не го признава турското малцинство, наводно се обиделе да предизвикаат конфронтација.
По настанот биле покренати кривични постапки против четворица претставници на турското малцинство, кои по судењето одржано во јуни 2026 година биле осудени на по 17 месеци затвор.
Посебна загриженост предизвикува и формирањето на 33-члена советодавна комисија за номинирање муфтии, како и назначувањата во Димотика, Ксанти и Комотини. ЕФА наведува дека членовите на комисијата не се признаени од турското малцинство, а медиумските извештаи откриле дека тие биле вработени во јавниот сектор и примале плата од државата.
Грција повеќе од деценија ги игнорира пресудите од Стразбур
Еден од клучните проблеми што ги истакнува ЕФА е долгогодишното неспроведување на пресудите на Европскиот суд за човекови права (ЕСЧП) во однос на правото на здружување на македонското и турското малцинство.
Посебно се посочува случајот „Дом на македонската цивилизација и други против Грција”, чија пресуда сè уште не е спроведена, како и групата случаи „Бекир Уста”, поврзана со здруженијата на турското малцинство, чии пресуди остануваат неспроведени веќе 18 години.
И покрај тоа што Грција во 2024 година формирала експертска комисија за разгледување на овие случаи по предупредувањата од Комитетот на министри на Советот на Европа, досега не биле преземени конкретни мерки за нивно целосно спроведување.
Во јуни 2026 година ЕСЧП донел пресуда во корист на Турското женско културно здружение од Ксанти, повторно утврдувајќи повреда на обврските на Грција според Европската конвенција за човекови права. Сепак, Апелациониот суд во Грција потоа го одбил барањето за спроведување на пресудата и регистрација на здружението. Овие прашања биле опфатени и во извештајот за мониторинг на Парламентарното собрание на Советот на Европа (ПССЕ) за Грција, објавен во септември 2026 година.
ЕФА бара итна реакција од европските институции
Работната група оценува дека ваквите постапки се спротивни на европските стандарди за човекови права, недискриминација и заштита на културната и јазичната разновидност, вклучувајќи ги вредностите утврдени во член 2 од Договорот за Европската унија и одредбите од Повелбата за основните права на ЕУ.
ЕФА упатува повик до Високиот комесар на ОН за човекови права, комесарот за човекови права на Советот на Европа, Европската комисија и Европскиот парламент да преземат конкретни активности. Меѓу главните барања се:
- Грција да понесе одговорност за обврските во областа на човековите и малцинските права
- Европските институции внимателно да го следат зголемувањето на повредите на правата на двете малцинства
- Грчките власти веднаш да ја прекинат кампањата на заплашување и вознемирување
- Да се спроведат сите пресуди на ЕСЧП поврзани со слободата на здружување
- Да се преземат итни мерки за заштита на двете малцинства од говор на омраза
- Грција да ја прекине долгогодишната политика на етничко негирање на македонското и турското малцинство
„Заштитата на идентитетот, јазикот, културата и правото на слободно здружување на македонското и турското малцинство во Грција претставува прашање на европска демократија, еднаквост и почитување на човековите права”, порачаа од Работната група на ЕФА.