Сојузот на борци од Тетово поднесе иницијатива за забрана на здружението „ХУТА“ поради величење на фашизмот
Според подносителите, организацијата што го администрира „Виртуелниот музеј на Тетово“ врши историски ревизионизам, ги негира придобивките од НОБ и отворено промовира соработници на фашистичките окупатори од Втората светска војна.
Сојузот на борците од НОАВМ 1941–1945 и граѓаните продолжувачи од Тетово денеска до Јавното обвинителство поднесоа официјална иницијатива со која бараат покренување постапка за забрана на работата на Здружението за култура и заштита на духовно и културно наследство „ХУТА“ од Тетово.
Иницијативата е поднесена врз основа на членовите 65 и 66 од Законот за здруженија и фондации, со предлог надлежниот јавен обвинител да достави барање за забрана на дејноста на ова здружение до Основниот суд во Тетово.
Правни основи: Поттикнување омраза и одобрување на фашизмот
Од Сојузот на борци потсетуваат дека законската регулатива децидно предвидува забрана за работа на секоја организација чии активности поттикнуваат национална, расна или верска омраза и нетрпеливост, дејствуваат спротивно на Уставот или со својата програма и активности претставуваат форма на поддршка и одобрување на фашизмот, нацизмот и национал-социјализмот.
Во образложението се посочува дека здружението „ХУТА“, кое е сопственик на веб-порталот и фејсбук-страницата „Muzeu Virtual i Tetovës / Виртуелен Музеј на Тетово“, во континуитет врши груб историски ревизионизам.
Како конкретен повод се наведува нивната последна објава со која се оспорува и негативно се прикажува државниот празник 11 Октомври – Денот на народното востание, при што се величаат окупаторските сили и нивните колаборационисти. Меѓу спорните содржини се издвојува објавувањето фотографија од фашистичкиот баталјон „Љуботен“ како со нацистички поздрав му салутира на Гајур Дерала, како и отворената афирмација на личности како Џемо Хаса, Шаип Камбери, Џафер Сулејмани и италијанскиот генерал Роберто Паријани.
„Закана за меѓуетничките односи и уставниот поредок“
Од тетовскиот Сојуз на борци истакнуваат дека подолгото толерирање на ваквото делување нанесува непоправлива штета на општеството, ги повредува чувствата на граѓаните и директно ги загрозува меѓуетничките односи во земјата.
„Постапувајќи на овој начин подолг временски период, исполнети се условите за отпочнување законска постапка за забрана за работа на ваквата организација. Нејзиното понатамошно постоење и функционирање му штети на уставно-правниот поредок и создава штета врз меѓуетничките односи, кои мора да се негуваат како посебна вредност на нашето општество. Македонија и Тетово мора да се развиваат растеретени од поединци и организации кои свесно внесуваат немир и спроведуваат неофашистички политики со цел да го фрагментираат општеството“, се наведува во официјалното соопштение на Сојузот на борци.
Се очекува Основното јавно обвинителство да ги разгледа наводите од доставената иницијатива и да одлучи дали ќе поведе постапка пред надлежниот суд во Тетово.