Синдикатот тврди дека осомничените нападнале полицајци, МВР подготвува пријава за пречекорување на силата

Контроверзниот инцидент на автопатот добива спротивставени верзии – од обвинувања за обид за прегазување на полициски службеници и трговија со дрога, до најава за кривична пријава против полицаец поради бруталност.

6

Истрагата за контроверзната полициска интервенција на автопатот Скопје – Тетово се соочува со две дијаметрално спротивни тврдења во јавноста. Додека двајцата млади мажи обвинуваат за полициска бруталност, Независниот синдикат на полицијата излезе со своја верзија на настанот, тврдејќи дека полицајците биле директно нападнати при обид да спречат трговија со дрога.

Истовремено, медиумските информации упатуваат на тоа дека Внатрешната контрола веќе открила пропусти во постапувањето на полицијата, со што случајот добива двојна правна завршница.

Синдикатот: Осомничените се обиделе да прегазат полицајци и да одземат оружје

Според соопштението на Независниот синдикат на полицијата, акцијата била насочена кон сузбивање на недозволена трговија со дрога. Од таму тврдат дека осомничените пружиле жесток отпор, се обиделе со возилото да прегазат полициски службеници, а на еден од нив му го одзеле и службеното оружје.

Потоа, според Синдикатот, лицата се дале во бегство при што предизвикале неколку сообраќајни незгоди на автопатот Скопје – Тетово. Тие појаснуваат дека повредите кај осомничените настанале за време на бегството и сообраќајките, а при претресот кај нив била пронајдена и дрога.

Се подготвува кривична пријава за полициски службеник

Ваквите тврдења на Синдикатот се појавуваат во време кога во јавноста веќе кружи видеоснимка од полициското постапување, која предизвика сомнежи за прекумерна употреба на сила и ја загреа политичката атмосфера.

Како што објави телевизија „Телма“, повикувајќи се на извори во МВР, Внатрешната контрола веќе подготвува кривична пријава против најмалку еден полициски службеник поради основано сомневање за незаконска употреба на сила при приведувањето. Со ова, истрагата практично се води во два правци: за кривичните дела на осомничените, но и за пречекорувањето на овластувањата од страна на чуварите на законот.

Остра осуда за етнизација на криминалот

Независниот синдикат на полицијата упати остар демант и критика до политичките партии, пред сè до ДУИ и Алијанса за Албанците, кои реагираа на случајот, обвинувајќи ги дека се обидуваат на настанот да му дадат етничка конотација за политички поени.

„Апсолутно ирелевантен е фактот од која националност се колегите кои постапуваат и го ставаат својот живот во ризик поради спречување на ваквиот тип сериозен криминал, кој нема етничка граница“, реагираат од Синдикатот, повикувајќи ги политичарите да се воздржат од изјави со кои се врши притисок и се политизира случајот.

Додека институциите работат на целосно расветлување на настанот, ниту тврдењата на синдикатот за напад врз полицијата, ниту обвинувањата за полициско насилство сè уште немаат конечен правен епилог. Одговорноста на сите инволвирани допрва ќе ја утврдуваат надлежното обвинителство и судот.