Мицкоски не се појави на судење за навреда и клевета: Ленче Ристоска сведочеше сама пред Граѓанскиот суд

Поранешната обвинителка тврди дека соопштенијата на ВМРО-ДПМНЕ ја таргетирале во клучен момент од предметите „Талир“; од партијата велат дека станува збор за слобода на говорот

10

Претседателот на Владата, Христијан Мицкоски, не се појави на рочиштето пред Граѓанскиот суд, иако, како што беше посочено, добил уредна покана да се соочи со поранешната јавна обвинителка Ленче Ристоска. Таа поднесе тужба за навреда и клевета против владејачката партија заради серијата соопштенија објавени откако бил замрзнат имотот на ВМРО-ДПМНЕ.

По рочиштето, Ристоска изјави дека неговото отсуство го смета за непочитување на судот.

„Имаше повеќе месеци во кои претседателот на ВМРО-ДПМНЕ можеше да го усогласи својот распоред. Сметам дека неговото недоаѓање, пред сè, претставува непочитување на судот. Од моето искуство како јавна обвинителка, можам да кажам дека тоа не ме изненадува, бидејќи сум имала ситуации во кои и други високопрофилирани личности избегнувале да дојдат и се криеле во моментите кога требало да преземат одговорност за своето однесување“, рече таа.

Сведочење во својство на странка

И покрај отсуството на Мицкоски, рочиштето продолжи, а Ристоска била сослушана во својство на странка. Пред судот таа детално образложила зошто се почувствувала навредена и наклеветена со соопштенијата на партијата.

Според неа, првото соопштение во кое била лично спомената е објавено на 14 октомври минатата година, во период кога таа како обвинителка ги водела предметите „Талир“ – во едниот ВМРО-ДПМНЕ беше обвинета, а во другиот имаше статус на заинтересирано правно лице, со замрзнат имот.

„Во двата предмета постапките беа во завршна фаза. Сите докази на Јавното обвинителство беа изведени, а во едниот предмет се наближуваше и крајот на судската постапка. Во истиот период, за првпат по подолго време, ВМРО-ДПМНЕ поднесе барање за одмрзнување на имотот. Како јавна обвинителка се произнесов по барањето и предложив судот да го одбие. Токму на денот кога беше објавено соопштението, судот ја донесе одлуката и го прифати предлогот на Обвинителството. Затоа сметам дека соопштението беше објавено во специфичен момент“, посочи Ристоска.

Таа тврди дека по тоа соопштение следувале уште околу петнаесетина во кои повторно била таргетирана.

„Каков крај“ – порака што ја доживеала како закана за кариерата

Емотивен момент на рочиштето настана кога Ристоска говореше за соопштението што започнувало со зборовите „Каков крај“. Таа се расплака додека ги опишуваше квалификациите со кои, како што вели, била претставена како обвинителка „без срам“ и како симбол на моралниот пад на Обвинителството.

„Изразите  „тажен симбол на неправда“, „отсуството на срам е одлика на вакви луѓе“ и квалификацијата дека јас го симболизирам моралниот пад на Обвинителството ги доживеав како навредливи и особено понижувачки. Како јавна обвинителка, правдата секогаш ми била приоритет во работењето. Тоа што ме прикажуваат како олицетворение на неправдата го доживувам како особено навредливо. Срамот е морална категорија, па со самата изјава тужениот, всушност, ме става во категорија на лица без морал“, рече таа.

Ристоска додаде дека ваквите квалификации имаат и лична и професионална димензија, бидејќи се косат со вредностите врз кои треба да се темели работата на јавниот обвинител – интегритет, чесност и заштита на јавниот интерес.

„Не ги доживувам како критика на мојата работа, туку како силен притисок. Особено ме вознемири почетокот на соопштението со зборовите „Каков крај“. Тоа го доживеав како закана за крајот на мојата кариера. Секој професионалец би го доживеал тоа како вознемирувачко, особено кога доаѓа од партија на власт која, од мој аспект, е странка во предмети во кои сум постапувала и има интерес од тие постапки“, изјави таа.

Демантира тврдења за картички, бонуси и партиски врски

Ристоска како клеветнички ги оцени и наводите со кои била поврзувана со поранешниот премиер Зоран Заев и со Артан Груби, како и тврдењата дека земала високи бонуси, користела службени картички и соработувала со лица од подземјето.

„Никогаш во мојата кариера како јавна обвинителка, ниту во СЈО ниту потоа, не сум користела службена картичка, ниту сум била задолжена со таква картичка. Моите примања се однесуваа на плата, додатоци и надоместоци предвидени со закон, кои во СЈО се исплаќаа со одобрение од Министерството за финансии. Тие беа пријавувани во Државната комисија за спречување на корупцијата и во Управата за јавни приходи. За нивните износи лично зборував и на прес-конференција“, рече таа.

Таа нагласи дека била изложена на критики и во времето кога на власт биле СДСМ и ДУИ.

„Крајно неточни се тврдењата дека сум направила партиска испостава на СДСМ и ДУИ која соработувала со луѓе од другата страна на законот. Моето професионално однесување не беше поинакво кога тие ја вршеа власта во однос на периодот кога на власт беше ВМРО-ДПМНЕ. Јас бев единствениот обвинител кој во тој период отворено зборуваше за недостигот од реформи во обвинителскиот систем и во Советот на јавни обвинители. Имав критики и за измените на Кривичниот законик од 2023 година. Дополнително, моите обиди за професионално напредување беа неуспешни, а тогашниот министер за правда имаше коментари дека сум млада и дека ќе има други конкурси“, додаде Ристоска.

Одбраната: Станува збор за слобода на говорот

Полномошничката на ВМРО-ДПМНЕ, Ружица Николовска, оцени дека сведочењето на тужителката било повеќе политичко отколку правно.

„Сметам дека нејзиното сведочење излезе надвор од контекстот на тужбеното барање, бидејќи повеќе се зборуваше за политика отколку за вистински правни аргументи поврзани со конкретната навреда и клевета. Сите знаете како заврши СЈО и што се случи. Исто така, сите знаеме колкави високи бонуси беа исплаќани. Соопштението на ВМРО-ДПМНЕ во тогашниот момент беше во насока на слободата на говорот и слободното изразување на мислата. Во однос на наводните навреди за моралот, тоа е лично чувство на тужителката. Неа треба да ја прашате зошто ги доживува како навреди“, изјави Николовска.

Постапката продолжува пред Граѓанскиот суд.