Уривање на еколошките стандарди: Со измени во законот се дозволува тешка индустрија до градовите и се брише заштитата од загадена почва

Пратениците дадоа зелено светло за спорните законски измени под превезот на европско усогласување – еколошките активисти алармираат за укинување на децениски заштитни механизми, цензура на јавните расправи и концентрација на моќ кај министерот.

11

Предлог-измените на Законот за животна средина, кои веќе се најдоа на дневен ред во Собранието, предизвикаа сериозен аларм кај граѓанскиот сектор и еколошките здруженија. Иако активистите предупредуваат дека новите одредби ќе имаат девастирачки последици врз јавното здравје, животната средина и природните ресурси, законските измени експресно ги поминаа Комисијата за европски прашања и Законодавно-правната комисија без ниту еден глас против или воздржан.

Под образложение за „поедноставување на процедурите“ и нивно усогласување со регулативите на ЕУ, Министерството за животна средина и просторно планирање (МЖСПП) и Владата предлагаат укинување на клучни законски филтри што со децении спречуваа загадувачите да дејствуваат во непосредна близина на населените места.

Се брише забраната: Тешка индустрија на помалку од 5 километри од населбите

Една од најрадикалните измени се однесува на членот 20 од постојниот закон. Со новите корекции, комплетно се брише долгогодишната забрана за реконструкција и рестартирање на погони од тешката и загадувачка индустрија (категорија Г1) на растојание помало од пет километри од населени места или заштитени природни подрачја.

Ова практично значи дека десетици одамна затворени стари индустриски капацитети – вклучително и оние во густо населените градски зони како Скопје – ќе добијат законско право да бидат реконструирани, да ги рестартираат печките или да го прошират производството, со што директно се загрозува воздухот и здравјето на стотици илјади граѓани.

Загаденото земјиште ќе може да се продава „под радар“

Со предлог-законот целосно се бришат членовите 28-а, 28-б, 28-в и 28-г, кои досега ја дефинираа строгата правна рамка за идентификација, евиденција, управување и санација на контаминираните подрачја (индустриски и рударски токсични депонии).

Елиминацијата на овие членови носи директни опасности за граѓаните и пазарот:

  • Укинување на Планот за управување (член 28-б): Овој механизам досега законски забрануваше продажба или давање под концесија на контаминирано земјиште. Со неговото бришење, се отвора простор за слободна трговија и продажба на токсични парцели без купувачите воопшто да бидат информирани за степенот на загаденост на почвата.
  • Бришење на меѓуинституционалната контрола (член 28-в): Се укинува координираниот механизам меѓу општините, државните органи и научните институти за заедничко постапување при санација на загадени државни локалитети.

Намалување на транспарентноста: Крај за задолжителното снимање на јавните расправи

Законските измени предвидуваат и сериозен удар врз правото на граѓаните за пристап до еколошки информации:

  • Член 91: Се брише обврската во официјалните записници од јавните расправи да се вклучуваат стенографски белешки, заклучоци, како и задолжителни аудио или видео записи кои досега мораа јавно да се објавуваат на интернет.
  • Член 90: Преку новододаден исклучок, на институциите им се дава дискреционо право да не ја објавуваат комплетната документација за работата на загадувачките капацитети во електронска форма, што овозможува клучни еколошки елаборати да останат недостапни за јавноста.

Партизација на безбедноста и правилото „молчењето значи согласност“

Сериозна регресија е нотирана и во делот на контролата на индустриската безбедност (член 148). Досегашната задолжителна обврска инвеститорите да обезбедат официјални стручни мислења од органите за заштита и спасување, здравство, полиција, економија и труд, сега се заменува со четиричлена комисија што директно ја избира министерот, со што се создава огромен ризик од политички диктат при издавањето еколошки дозволи.

Дополнително, со новиот член 83 (став 7) се воведува спорното правило дека доколку некоја надлежна институција не достави мислење во предвидениот рок – автоматски ќе се смета дека таа нема забелешки. Ваквата одредба овозможува административната пасивност или намерното непостапување да се толкуваат како зелено светло за спорни еколошки проекти.

Злоупотреба на „европското знаменце“ на штета на здравјето

Граѓанските здруженија, меѓу кои и „Охрид СОС“, посочуваат дека дополнителното слабеење на еколошката легислатива претставува директна злоупотреба на „европското знаменце“, со оглед на тоа што Европската комисија во континуитет бара јакнење, а не намалување на институционалните капацитети за заштита на природата.

Иако во официјалното образложение на предлог-законот се тврди дека овие измени немаат фискални импликации врз државниот буџет, активистите заклучуваат дека крајната и најскапа сметка за ваквото законско олеснување на профитите на индустријата ќе ја платат граѓаните преку сопственото здравје.