Пресврт во случајот со Стевчо Јакимовски: Врховниот суд ги укина затворските казни и го врати судењето од почеток
Наместо во затвор, поранешниот градоначалник на Карпош доби нова шанса на суд – Врховниот суд го прифати неговото барање за вонредно преиспитување и ја избриша пресудата за бесправно градење и злоупотреба.
Врховниот суд на Република Северна Македонија донесе одлука со која целосно ги укина претходните пресуди на Основниот кривичен суд Скопје и на Апелациониот суд Скопје во предметот против поранешниот градоначалник на Општина Карпош, Стевчо Јакимовски. Со оваа одлука, случајот е вратен на повторно постапување и одлучување пред првостепениот суд, со што судскиот процес практично почнува од почеток.
Одлуката е донесена на седница на Советот за казниви дела одржана на 9 септември годинава. Советот го уважил барањето за вонредно преиспитување на правосилната пресуда, кое преку својот бранител, кумановскиот адвокат Виктор Цветковски, го поднесе Јакимовски.
Што предвидуваа претходните пресуди?
Со најновата одлука на Врховниот суд, заведени под број КВП КОК2-18/26, се поништува првостепената пресуда на Основниот кривичен суд од 23 април 2025 година, како и одлуката на Апелација од 15 мај 2026 година.
Претходно, во април минатата година, Јакимовски беше осуден на единствена затворска казна од три години и шест месеци. Тој се теретеше за две кривични дела:
- Бесправно градење – за кое му беше утврдена казна од една година затвор.
- Злоупотреба на службената положба и овластување – за кое доби три години затвор.
Случајот се однесуваше на изградбата на новиот административен објект на Општина Карпош на улицата „Радика“ бр. 9, за кој првостепениот суд дополнително донесе одлука да биде одземен во корист на државата.
Како Јакимовски стигна до упатен акт за затвор?
Во мај годинава, Апелациониот суд Скопје делумно ја преиначи првостепената пресуда. Второстепениот суд ја потврди едногодишната затворска казна за бесправно градење со што таа стана правосилна, додека делот за злоупотреба на службената положба го врати на повторно судење.
Поради правосилноста на пресудата за бесправно градење, на Јакимовски веќе му беше доставен упатен акт за издржување на едногодишната казна во затворот „Скопје“.
Сепак, со најновата одлука на највисокиот суд во државата, сите претходни пресуди се ставени во вон сила. Основниот кривичен суд Скопје сега ќе мора одново да ги разгледа сите докази и да донесе нова пресуда за двата дела кои му се ставаат на товар на градоначалникот на Карпош.