Маврово сѐ уште чека репрогласување и заштита, но проектот за малата хидроцентрала „Рибничка“ си тече

0

Националниот парк „Маврово“ и понатаму функционира без никаква правна заштита бидејќи процесот за неговото репрогласување е поголго време закочен. Од Центарот за истражување и информирање за животна средина „Еко-свест“ предупредуваат дека Маврово нема ниту План за управување со кој би се утврдиле активностите во рамките на паркот и е заглавен во правен вакуум, бидејќи функционира врз основа на прописи од 1949 година, а резултат на сето тоа е најновата опасност од сеча на шума заради изградба на малата хидроцентрала „Рибничка“.

Постапките за раскинување на концесиите на малите хидроцентрали планирани во зоната на строга заштита, „Жировничка“ 5 и 6, кои започнаа пред неколку години, не ја опфатија и „Рибничка“, иако и таа беше зацртана во рамките на заштитеното подрачје на паркот. За неа, и покрај препораките на Бернската Конвенција и апелите на екологистите и јавноста да не се гради, Министерството за животна средина преговараше за промена на локацијата и преместување од зоната на строга заштита во зона на одржливо користење, но и во двата случаи таа останува во рамките на паркот. Проблемот е што проектот за малата хидроцентрала се турка и покрај тоа што законот за репрогласување не е донесен, а тоа значи и дека не се утврдени ниту границите на зоните на заштита.

Од „Еко свест“ велат дека институцијата која треба да ја штити природата е заглавена во правен вакуум, што е резултат на неносењето на нов закон за прогласување на Маврово за национален парк, што е во директна спротивност со целите на Законот за заштита на природата, овозможува нетранспарентно работење и ја доведува во прашање легалноста на активностите во паркот.

Од организацијата апелираат Министерството за животна средина и просторно планирање и Владата повеќе да не го игнорираат овој проблем бидејќи репрогласувањето на националниот парк е нивна законска обврска и нагласуваат дека законот за заштита на природата е јасен кога предвидува сите активности и интервенции во паркот, а особено сечата на шумите, да се одвиваат исклучиво доколку се предвидени со План за управување и Програма за шумски екосистеми, во строго дефинирани зони со ограничувања за површината и интензитетот.

„Деновиве во паркот се подготвува нова сеча на шума, за потребите на изградба на малата хидро централа на реката Рибничка. За овој проект имаше силна критика од меѓународната стручна јавност и Бернската конвенција, македонските граѓански организации како и локалното население. Овој проект не само што не е во функција на заштита на природните вредности на паркот, тој е во директна штета за управувањето на ова заштитено подрачје. Потребно е итно репрогласување на паркот, бидејќи тоа е единствениот начин да се стави крај на овој правен вакуум, да се прекинат незаконските активности и да се воспостави вистинска заштита на природното богатство“, вели Ана Чоловиќ Лешоска извршна директорка на „Еко свест“.

Посочува дека моменталниот обем на работа во НП „Маврово“, вклучително и сечата, се спроведува без неопходните стратешки документи, што е незаконски, а дополнително, на веб-страницата на паркот не се објавени основните акти врз основа на кои функционира паркот, како статут и програми за работа, што укажува на јасно нетранспарентно работење.

Директорот на Националниот парк „Маврово“, Харис Ибраими, пак, вели дека досега ниту едно дрво не е исечено, ниту пак, маркирано, но потврдува дека од инвеститорот на „Рибничка“ добиле барање за дозвола за сеча за расчистување на трасата до локацијата. Ибраими вели дека паркот за да одобри сеча мора да побара и да добие согласност од Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, но и дека такво барање сѐ уште не пратиле.

„Нема никакви активности на терен кои се поврзани со сеча на шума заради малата хидроцентрала. Барање од инвеститорот има, но таа постапка може да продолжи доколку Министерството даде согласност. Паркот ќе ги маркира дрвјата, а инвеститорот ќе треба да ја направи сечата“, вели Ибраими и посочува дека уште пред три години инвеститорот уплатил околу седум милиони денари на сметката за паркот како компензација за сеча која треба да се направи заради расчистување на теренот.

Тој посочува дека управата на паркот во мај минатата година дала негативно мислење за еден дел од трасата на еден од двата цевководи на малата хидроцентрала, кое е испратено до Министерството за животна средина. Ибраими вели дека од Министерството е побарана и изработка на Социо-економска студија заедно со туристичко-развојна стратегија за да продолжи процесот на репрогласување на паркот, но засега нема добиено одговор на тоа барање.
Постојаниот Комитет на Бернската Конвенција на својата последна седница во декември лани уште еднаш го разгледуваше случајот за Националниот парк „Маврово“ и заклучи дека изградбата на хидроцентрали на неговата територија сѐ уште е опасност и дека нема виден напредок со спроведување на препораките кои ѝ беа дадени на земјава во изминатите години, откако случајот за Маврово беше отворен во 2014 година. Комитетот заклучи дека не се донесени измените на законот за води, ниту пак има нов закон за природа, националниот парк „Маврово“ сѐ уште не е репрогласен, а сите концесии за хидроцентрали не се откажани.