Чад над Скопје од активен прекуграничен пожар: Четири летала и засилени копнени сили во акција
Од вкупно 31 регистриран пожар на отворен простор во изминатото деноноќие, на територијата на државата утрово активен е само еден, но станува збор за пожар на тешко достапен терен во пограничниот појас со Косово. Според утринскиот извештај на Центарот за управување со кризи (ЦУК), дури 27 пожари се целосно изгаснати, а три се ставени под контрола.
Густ чад се спушти над делови од Скопје
Директорот на Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС), Стојанче Ангелов, информираше дека активниот пожар засега не претставува директна закана за населените места, но создава големо количество чад поради видот на вегетацијата што гори.
„Горат пред сè трева, грмушки и ниски смреки кои развиваат силен пламен и уште посилен чад, а на одредени места огнот се движи ниско по земјата низ мешовита шума. Синоќа ветрот дуваше во правец на Скопје, поради што чадот од огнот кој е активен и од македонска и од косовска страна, можеше јасно да се почувствува над неколку скопски населби“, појасни Ангелов.
Координирана акција и поддршка од четири летала
Пожарникарите од Бригадата за противпожарна заштита на Град Скопје ја поминаа ноќта на терен, но поради непристапниот планински терен целосното гаснење во ноќните часови беше значително отежнато.
Од утринава, акцијата продолжува со засилени пешадиски сили, а противпожарните единици добиваат масовна поддршка од воздух. Во гаснењето се вклучени:
- Два авиони „ер трактор“ на ДЗС;
- Еден полициски хеликоптер;
- Еден хеликоптер на Армијата.
Како дел од регионалната соработка за справување со кризи, претходните денови македонски хеликоптер дејствуваше и на косовска територија каде огнот имаше поголем интензитет, додека скопските пожарникари ја држеа линијата од македонска страна. Екипите остануваат максимално мобилизирани до целосна ликвидација на ова последно активно жариште.