Филипче: Држава не се води со навредена суета и лажен патриотизам, туку со тешки и историски одлуки
Државното раководство бара одговорност, конкретни резултати и храброст за носење тешки, но историски оправдани одлуки, наместо криење зад лажен патриотизам и популизам. Ова го порача претседателот на СДСМ, Венко Филипче, во своето обраќање на свечениот настан во Македонската филхармонија, организиран по повод 35 години од независноста на Македонија.
„Компромисите носат развој, бескомпромисноста носи загубени децении“
Филипче истакна дека политичарите се избрани за да наоѓаат решенија за реалните проблеми, а не да го слават стоењето во место како политички успех.
„Можеме да бидеме лути на реалноста и да сметаме дека Европа е неправедна кон Македонија, но држава не се води со навредена суета. Таа се води со резултати и саможртви, со носење непопуларни, но историски неопходни одлуки. Само идните генерации ќе можат непристрасно да оценат колкава била цената на прифатените компромиси, а колкава е загубата од бескомпромисноста што води кон изгубени децении“, нагласи лидерот на опозицијата.
Тој додаде дека гласна патриотска реторика пред камерите не може да биде алиби за отсуство на напредок, бидејќи граѓаните јасно препознаваат кој ја движи земјата напред, а кој ја држи во стагнација.
Евроинтеграциите се надпартиски државен интерес
Во фокусот на обраќањето беше и европскиот пат на земјата, за кој Филипче потенцираше дека мора да биде ослободен од партиски присвојувања и дневнополитички пресметки.
„Европските интеграции не се сопственост на СДСМ, ниту на ВМРО-ДПМНЕ, ниту на кој било претседател или министер. Тоа е највисок државен интерес. Затоа не е доволно само реторички да се повикуваме на европскиот пат, а во пракса да не преземаме ниту еден конкретен чекор за да стигнеме до целта“, порача тој.
Политика на одговорност, а не на поделби
Критикувајќи ги актуелните политички практики на создавање поделби и етикетирање „предавници“, Филипче повика на нова политичка култура каде фокусот ќе биде ставен врз иднината.
„Македонија заслужува повеќе од лажен патриотизам кој е најгласен пред медиумите, а целосно немоќен кога треба да испорача резултат. Државата заслужува власт која политиката ја разбира како одговорност, а не како плен – власт која ќе мери што остава зад себе, а не колку долго ќе опстане на функција“, заклучи Филипче на свеченоста во Филхармонијата.