Пожарите не стивнуваат: Нов пожар навлезе од Косово со линија од пет километри, кај Штип спречена трагедија со викендичките, армиски хеликоптер гасне во Струшко
Состојбата со пожарите на отворен простор низ Македонија и понатаму е исклучително алармантна. Иако слабите локални врнежи од дожд минимално им помогнаа на екипите на терен, во текот на изминатото деноноќие беа евидентирани над 41 пожар. Противпожарните единици, армиските сили и тимовите на Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС) водат тешка битка на неколку критични жаришта низ републиката.
Во Штип спасена цела населба, очевидец пријавил пироман
Големиот пожар во Лакавичкиот регион, помеѓу селата Пухче и Селце во општина Штип, утрово е ставен под делумна контрола. Командирот на ТППЕ-Штип, Благој Ренџов, информираше дека критичен останува кракот што се движи кон селото Селце и планината Серта, но очекува падот на температурите да помогне во негово целосно локализирање.
„Синоќа огнот директно се закануваше на викенд-населбата. Побаравме дополнителни сили од ДЗС и соседните општини и со натчовечки напори успеавме да ги спасиме куќичките и да нема повредени. Имаме информација и очевидец кој посочува дека овој пожар бил намерно подметнат од пироман, за што веќе е известен Секторот за внатрешни работи – Штип“, изјави Ренџов.
Огнена линија од пет километри навлезе од Косово кон Скопско
Директорот на ДЗС, Стојанче Ангелов, соопшти дека ноќеска од територијата на Косово во Македонија навлегол сериозен пожар кој се шири во атарот на селото Грачани, со огнен фронт долг повеќе од пет километри.
„Скопските пожарникари и тимовите на ДЗС дејствуваат за воспоставување контрола за да не бидат загрозени околните населени места. Засега нема директна опасност за селата, но мирисот и чадот од овој пожар веќе се чувствуваат во делови од главниот град“, информираше Ангелов.
Нови жаришта на Китка и Студеничани
Ангелов предупреди дека повторно се забележани нови пожари на падините на планината Китка, на подрачјето на општина Студеничани. Активни се огнени точки во атарите на селата Количани и Цветово, за кои исто така постојат сериозни сомневања дека се намерно подметнати. Теренот на одредени места е исклучително непристапен за копнена механизација.
Армиски хеликоптер интервенира меѓу Струга и Дебар, Пелистер под контрола
Како едно од најтешките активни жаришта во моментов се издвојува пожарот на границата меѓу општините Струга и Дебар, во атарот на селата Луково и Буринец. За да се спречи продор на пламените јазици кон селата, уште од раните утрински часови таму дејствува армиски хеликоптер опремен со големо ведро, во координација со струшките пожарникари и екипите на „Национални шуми“.
Позитивни вести доаѓаат од националниот парк Пелистер, каде пожарот е ставен под целосна контрола. Пожарникарите од Ресен остануваат на терен за целосно неутрализирање на локалните и новопојавените помали жаришта долж огнената линија.
Од надлежните служби апелираат на максимална будност и пријавување на сите сомнителни лица и активности што можат да доведат до нови катастрофални пожари.