Политичка бура по објавата на партијата на Стоилковиќ: СДСМ и ДУИ со остри осуди за величењето на воениот злосторник Ратко Младиќ

6

Објава на официјалната Фејсбук-страница на Демократската партија на Србите во Македонија (ДПСМ), чиј претседател Иван Стоилковиќ е актуелен министер во Владата, предизвика жестоки реакции на политичката сцена. Во спорниот текст се глорифицира ликот и делото на поранешниот воен командант на босанските Срби, Ратко Младиќ, кој пред Меѓународниот кривичен трибунал во Хаг беше правосилно осуден на доживотен затвор за геноцид во Сребреница, воени злосторства и злосторства против човештвото.

Во објавата на партиската страница, меѓу другото, се наведува дека Младиќ бил „војник и генерал кој својот живот го ставил во служба на војската и народот“, со порака дека многумина ќе го паметат по тоа што „стоел пред нив кога било најтешко, а не по Хаг и затворските ѕидови“.

СДСМ: Мицкоски мора да каже дали ова е официјален владин став

Опозициската СДСМ веднаш излезе со најостра осуда, оценувајќи дека ваквиот чин претставува директно промовирање на ретроградни политики и проект за ширење на влијанија од типот на „српскиот свет“.

„Министер во Владата на Мицкоски јавно велича човек осуден за геноцидот во Сребреница каде беа убиени над 8.000 цивили. Ова не е личен став или културна разлика, туку директна порака дека во оваа Влада има простор за оние што ги слават најмрачните фигури од балканската историја. Премиерот Мицкоски мора јавно да одговори: дали ова претставува официјален став на неговиот владин кабинет или станува збор за недозволив испад на неговиот коалициски партнер?“, прашуваат од СДСМ.

ДУИ го прозва „ВРЕДИ“: Седите во влада со структури кои романтизираат геноцид

Реакција пристигна и од Демократската унија за интеграција (ДУИ), од каде што директно ја повикаа на одговорност албанската коалиција „ВРЕДИ“.

„Ова не е прашање од минатото, туку опасен менталитет што денес јавно се манифестира од страна на владин фактор. Овие структури романтизираат личност осудена за најтешките злосторства врз цивилно население во Европа по Втората светска војна. Јавно прашуваме: Каде е ВРЕДИ? Дали на нивните функционери не им пречи да бидат во иста влада со партнери кои отворено глорифицираат воени злосторници? Ваквите субјекти немаат место во водењето на мултиетничка и европска држава“, порачуваат од ДУИ.

Од владејачката ВМРО-ДПМНЕ и од Кабинетот на премиерот Христијан Мицкоски до овој момент нема официјален коментар или оградување од спорните ставови пласирани од страна на нивниот коалициски партнер.