Светото предание за Голема Богородица: Како Мајката Божја го заврши овоземниот пат и зошто нејзиниот гроб остана празен

4

Христијанското предание за животот и успението на Пресвета Богородица претставува едно од највпечатливите сведоштва за силата на мајчинската љубов, верата и исполнувањето на Божјата промисла. Самиот Исус Христос, дури и во најтешките мигови на страдањето на Голгота, ја исполни петтата Божја заповед за почит кон родителите, доверувајќи ја Својата Мајка на грижа кај саканиот ученик, светиот апостол Јован Богослов.

Животот на Сион и духовната потпора за апостолите

По Христовото вознесување, Дева Марија се населила во домот на апостол Јован на гората Сион во Ерусалим, каде што ги поминала последните години од животот. Преданието сведочи дека таа била тивок столб и најголема духовна утеха на раната Црква, помагајќи им на апостолите со своите молитви, мудри совети, кротост и неизмерно трпение.

Мајката Божја редовно ги посетувала светите места поврзани со животот и страдањата на нејзиниот Син – Витлеем, Голгота и Елеонската Гора. Историските и црковните записи бележат и нејзини патувања надвор од Ерусалим, меѓу кои посетата на свети Игнатиј Богоносец во Антиохија, светиот Лазар Четиридневен на Кипар, престојот во Ефес, како и посетата на Света Гора, која самата ја благословила и ја прогласила за своја духовна градина.

Благовеста од Архангел Гавриил и чудесниот собир на апостолитe

Во длабока старост, кога се претпоставува дека имала нешто повеќе од шеесет години, Богородица често се молела на Елеонската Гора за нејзино поскоро соединување со Синот. За време на една молитва, и се јавил Архангелот Гавриил, носејќи и палмова гранка и благовест дека по три дена ќе биде пренесена во вечноста.

Нејзината последна земна желба била уште еднаш да ги види сите Христови ученици. Според преданието, апостолите, кои во тоа време проповедале во различни краишта на светот, биле чудесно собрани во Ерусалим. Откако ги благословила и охрабрила, Пресвета Богородица мирно и без никаква телесна болка го предала својот дух во рацете на Бога.

Тајната на празниот гроб и ветувањето за вечна заштита

Погребната поворка со телото на Богородица, кое ширело неопислив мирис, била испратена од мноштво верници кон Гетсиманската градина, каде што била положена во гробницата на нејзините праведни родители, Јоаким и Ана.

По Божја промисла, апостолот Тома задоцнил на погребот и пристигнал дури третиот ден. Со желба да му оддаде последна почит на телото на Богомајката, апостолите го отвориле гробот, но внатре ја затекнале само празната плаштаница – сведоштво дека телото на Пречистата било земено на небото.

Истата вечер, Богородица им се јавила на апостолите опкружена со ангелски сили и ги изговорила зборовите што со векови остануваат утеха за сите христијани: Радувајте се, зашто ќе бидам со вас во сите денови до вечноста.