Мицкоски: Кризата со нафтата може да трае со години, Владата подготвува мерки за намалување на ДДВ за горивата
Кризата во Персискиот Залив и турбуленциите на светските берзи на нафта нема брзо да завршат и би можеле да потраат неколку години, но Владата има конкретна стратегија за заштита на стандардот, вклучително и мерки за намалување на ДДВ-то за горивата. Ова денеска го соопшти премиерот Христијан Мицкоски при посетата на Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР).
По реакциите во јавноста откако по последната одлука на Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ) цената на дизелот достигна 101,5 денари за литар, а на бензинот 95 денари – ценовни нивоа незабележани уште од крајот на 2022 година – премиерот појасни дека институциите внимателно го планираат секој чекор.
„Според нашите анализи, оваа геополитичка состојба за жал ќе потрае подолго од очекуваното, можеби и неколку години. Затоа мора претпазливо да делуваме, со цел од една страна да не ја загрозиме макроекономската и буџетската стабилност, а од друга страна да обезбедиме најниски можни цени за граѓаните и стопанството. Имаме јасен план и стратегија за интервенција кај ДДВ-то“, изјави Мицкоски.
Горивата во Македонија остануваат значително поевтини од соседството
Премиерот потенцираше дека и покрај последниот ценовен раст, дериватите во Македонија се убедливо најповолни во целиот регион.
„Ако ги погледнеме егзактните бројки, дизелот кај нас е за 50 евроценти поевтин од оној во Албанија и за 35 центи поевтин од Србија. Слична е разликата од 30 до 50 центи по литар и во однос на Грција, Хрватска, Словенија, Црна Гора и БиХ. Поради ова, продажбата на бензин и дизел на нашите пумпи бележи скок од 50 до 60 отсто, бидејќи и странските возачи што транзитираат масовно полнат резервоари во Македонија“, образложи претседателот на Владата.
Државните резерви се сигурни, стабилни и за извоз
Во однос на сигурноста во снабдувањето, премиерот испрати смирувачка порака до јавноста, посочувајќи дека нафтените резерви се во одлична состојба.
„Граѓаните треба да бидат спокојни. Имаме доволни количини кои можат да одговорат на значително зголемената потрошувачка. Државата нема воведено забрани за извоз, а преку реекспорт од Македонија во моментов непречено се снабдуваат со гориво и неколку регионални аеродроми“, истакна Мицкоски.
Тој заклучи дека и во вакви сложени глобални услови, Владата успева да ја задржи макроекономската стабилност, посочувајќи ја јулската годишна инфлација од 2,3 отсто како најниска во регионот.