Јаневска: Учебниците се веќе во училиштата, но демографскиот пад згасна 300 паралелки и 26 рурални училишта

1

Учебниците за новата учебна 2026/2027 година се целосно дистрибуирани и се наоѓаат во училишните објекти, соопшти денеска на прес-конференција министерката за образование и наука, Весна Јаневска. Сепак, покрај позитивните логистички вести, министерката обелодени загрижувачки бројки кои го рефлектираат демографскиот пад во земјава – годинава ќе има дури 200 паралелки помалку во основното и 100 помалку во средното образование.

Алармантен недостиг на првачиња

Според најновите податоци, за новата учебна година досега се запишани околу 14.500 првачиња. Иако рокот за запишување на децата кои задоцниле трае до крајот на септември, тешко е дека ќе се компензира огромниот дефицит. Имено, во генерацијата родени во 2020 година, кои сега треба да тргнат на училиште, според Државниот завод за статистика евидентирани се 19.031 новороденчиња, што укажува на фактот дека речиси 4.500 деца веќе се иселени или не се запишани.

Како резултат на оваа состојба и оптимизацијата на училишната мрежа, годинава природно се затвораат 26 рурални (подрачни) училишта во кои нема ниту едно запишано прваче, а во кои претходно учеле само по пет до осум деца.

„Намалувањето на бројот на паралелки се прави за доброто на децата. Целта е да им се овозможи социјализација и подобар квалитет на образованието, а не изолирано постоење во рурални средини каде што владеат стереотипи и каде квалитетот на наставата е низок поради комбинираните паралелки со ученици од три различни одделенија“, нагласи Јаневска.

Комбинирана настава ќе се применува исклучиво во крајни случаи, односно ако подрачното училиште е оддалечено повеќе од 15 до 20 километри од најблиското централно училиште.

Обезбедени учебници – одговорноста сега е кај директорите

Јаневска појасни дека по спроведените онлајн подготовки, училиштата навреме ги пријавиле потребните количини за замена на оштетените учебници. Таа потенцираше дека системот за набавка е стабилен веќе три години и затоа министерството нема да презема одговорност доколку некое училиште пропуштило да побара соодветна замена.

„Верувам дека поплаките ќе бидат сведени на минимум. Тие што навреме побараа, веќе добија нови учебници. Доколку некаде се појави недостиг поради ненавремено пријавување, одговорноста ќе ја сносат самите училишта и нивните раководства“, децидна е министерката.

Нема отпуштања, се воведува целодневна настава

Во однос на наставниот кадар, Јаневска увери дека во овој момент не е отпуштен ниту еден наставник вработен на неопределено време. Додека во внатрешноста кадар има доволно, во одредени скопски општини, како Аеродром, се планираат нови вработувања поради дефицит.

Новиот концепт на МОН предвидува воведување на целодневна настава каде што во една паралелка (од околу 20 деца) во две смени ќе работат двајца одделенски наставници. Децата ќе престојуваат и ќе учат во училиштата до 16:00 часот, со што ќе им се олесни на вработените родители.

„Мораме да ги следиме светските трендови каде децата сè порано се социјализираат во институциите. Во спротивно, нашите идни студенти и работници нема да бидат конкурентни на глобалниот пазар на труд“, заклучи Јаневска по промоцијата на новиот државен портал е-Наука.