Сојузот на борци бара отфрлање на името на Фадил Сулејмани – ја негирал Македонија и нацијата
Сојузот на борци од НОАВМ и граѓаните продолжувачи од Тетово упатија остра реакција до локалните власти, барајќи итно повлекување на предлогот една од тетовските улици да го носи името на Фадил Сулејмани. Според Сојузот, станува збор за личност која во текот на својот општествен ангажман отворено ги негирала македонската државност и посебноста на македонскиот народ.
Антимакедонски ставови и навреда за чувствата на граѓаните
Како поткрепа на своите тврдења, од Сојузот на борци споделија архивски докази од јули 2000 година, во кои се документирани ставовите на Сулејмани.
„Фадил Сулејмани имал јасно изразени антимакедонски ставови. Тој сметал дека Македонците се всушност Бугари, а Македонија ја нарекувал вештачка држава. Да именувате улица по човек кој го негира постоењето на нацијата и државата е чин без преседан во светот и директен удар врз државните темели“, се наведува во соопштението до јавноста.
Прекршување на Законот за именување на улици
Од Сојузот потенцираат дека овој предлог, кој се најде под реден број 3 на листата утврдена од Работната група, директно го крши Членот 6 од соодветниот Закон.
„Со овој чин грубо се навредуваат чувствата на граѓаните, се нарушуваат меѓуетничките односи, обичаите и јавниот морал. Недозволиво е лик со ваква биографија да биде чествуван во Тетово“, велат од Сојузот на борци.
Повик за одговорност и повлекување на македонските членови
Во соопштението се упатуваат и низа прашања за компетентноста на Работната група формирана од Советот на Општина Тетово. Сојузот на Борците ги обвинуваат членовите дека се обични „послушници“ кои потпишуваат претходно подготвени листи без проверка на фактите.
„Повторно апелираме до преостанатите тројца членови Македонци во Работната група веднаш да се повлечат. Кому служи вашето присуство таму, освен за легитимирање на овој штетен процес?“, прашуваат од Сојузот, завршувајќи со својот препознатлив поздрав: „Смрт на фашизмот – слобода на народот!“.
Ова е само последен во низата спорови околу преименувањето на улиците во Тетово, процес кој веќе подолго време предизвикува сериозни поделености во локалната заедница.