Четврт век од масакрот кај Карпалак: Македонија им оддава почит на десетте загинати бранители
Денеска се навршуваат точно 25 години од еден од најтрагичните настани во современата македонска историја – заседата кај месноста Карпалак, во која животот го загубија десет припадници на резервниот состав на Армијата на Република Македонија.
На 8 август 2001 година, во екот на воениот конфликт, армиски конвој беше нападнат од заседа на автопатот Скопје – Тетово, во близина на селото Групчин. Нападот врз военото возило резултираше со смрт на десет прилепски бранители, кои останаа симбол на жртвата за татковината.
Во заседата кај Карпалак загинаа:
- Нане Наумоски (48), резервен капетан;
- Сашо Китановски (40), резервен поручник;
- Горан Миновски (29);
- Ердоган Шабановски (21);
- Љубе Грујоски (32);
- Бранко Секулоски (43);
- Дарко Велјановски (27);
- Пеце Секуловски (31);
- Веби Рушитовски (26);
- Мирко Деспотовски (27).
Одбележување на јубилејната годишнина
По повод 25-годишнината од овој трагичен настан, предвидени се серија комеморативни активности. Делегација од Министерството за одбрана и Генералштабот на Армијата денеска ќе положи свежо цвеќе на спомен-плочата кај месноста Карпалак, на местото каде што згаснаа десетте млади животи.
Почит кон хероите ќе биде оддадена и во нивниот роден Прилеп. Официјални делегации, членови на семејствата и претставници на здруженијата на бранители ќе положат цвеќе пред спомен-обележјето во центарот на градот, како и на нивните вечни почивалишта.
Четврт век подоцна, споменот за прилепските бранители останува жив потсетник за цената на мирот и суверенитетот на државата.