КЛЕКОВСКИ: Акутната фаза во Гостивар стивнува, се воведува надзор за заштита од Хепатит А и Е
Епидемијата на гастроентероколит во Гостивар постепено влегува во мирна фаза, но здравствениот систем останува во состојба на зголемена претпазливост. Министерот за здравство, Сашо Клековски, денеска соопшти дека се воведува посебен здравствен надзор во постакутната фаза со цел да се спречи појава на нови заразни заболувања.
Иако бројот на првични прегледи опаѓа и во последните четири дена се движи меѓу 80 и 125 пациенти дневно, властите се внимателни при толкувањето на овие бројки.
Се стравува од Хепатит А и Е
По консултации со Комисијата за заразни болести, одлучено е фокусот на здравствените служби да се насочи кон следење на евентуални нови жаришта. Посебен акцент е ставен на навременото откривање на хепатит А и хепатит Е, како и на други инфекции кои вообичаено можат да се појават по масовни контаминации на водата.
„До Центарот за јавно здравје, сите здравствени установи и матичните лекари веќе се испраќаат прецизни упатства за понатамошно постапување и начини за едукација на населението“, најави Клековски.
Статистика и епидемиолошки анкети
До овој момент во Гостивар се регистрирани 869 формални пријави за заразни заболувања, додека епидемиолошките тимови на терен веќе анкетирале 602 лица. Министерот упати нов апел до граѓаните за целосна соработка со службите, нагласувајќи дека само преку вистинити информации може да се заштити јавното здравје.
„Во јули, вообичаениот просек за Гостивар е околу 25 пријави месечно. Мораме низ детални анализи да утврдиме што е директна последица на епидемијата, а што е редовна појава својствена за овој период од годината“, појасни тој.
Целосна ревизија на текот на епидемијата
Министерството за здравство започнува обемна анализа на сите случаи со дијагнози поврзани со ентероколит евидентирани од 1 јуни до денес. Целта на оваа ретроспективна проверка е да се добие објективна слика за тоа како настанала и како се ширела епидемијата, но и како реагирале институциите на терен.
Клековски вети дека по завршувањето на оваа независна анализа, јавноста ќе добие детален извештај за сите аспекти на здравствената криза која го парализираше Гостивар во изминатиот период.