Горан Јовановски можен кандидат на ВМРО-ДПМНЕ за градоначалник на Брвеница
Актуелниот државен секретар во Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини, Горан Јовановски, се споменува како еден од најсериозните кандидати на ВМРО-ДПМНЕ за иден градоначалник на Општина Брвеница. Иако партијата сè уште ја нема официјализирано одлуката, неговото искуство во локалната самоуправа и државните институции го позиционира високо во внатрепартиските анкети.
ВМРО-ДПМНЕ се подготвува за претстојните вонредни локални избори во Брвеница, кои се најавени по прераната смрт на досегашниот градоначалник. Иако официјалната процедура за избор на кандидат допрва треба да започне низ партиските тела, името на Горан Јовановски веќе циркулира во политичките кругови како „природно“ решение за оваа општина.
Јовановски важи за добар познавач на локалните прилики со оглед на тоа што претходно ја извршувал функцијата секретар на Општина Брвеница. Неговиот професионален бекграунд вклучува и значајно раководно искуство на централно ниво, каде претходно бил директор на Државниот инспекторат за труд.
Од владејачката партија засега се воздржани од официјални потврди, нагласувајќи дека изборот ќе биде направен по спроведување на статутарните процедури и мерење на рејтинзите на терен.
„Официјалната одлука за кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ ќе биде донесена по консултации со членството и граѓаните на Брвеница. Целта е да понудиме личност која ќе го продолжи развојот на општината со нов и засилен интензитет“, велат партиски извори.
Се очекува конечниот предлог да биде објавен во наредните недели, откако и официјално ќе бидат распишани изборите од страна на Собранието.