ТРАГЕДИЈА ЗА МАКЕДОНСКАТА КНИЖЕВНОСТ: Уништени десетици илјади книги, издавачката куќа „Антолог“ пред згаснување по големото невреме
Познатата македонска издавачка куќа „Антолог“ претрпе катастрофални штети по синоќешното невреме што го погоди Скопје. Поради поројните дождови и нефункционалната канализациска мрежа во општината Кисела Вода, магацините на куќата се целосно поплавени, при што неповратно е уништен речиси целиот нивен книжевен фонд, инвентар и опрема.
„Антолог каков што го познававте и го сакавте – повеќе не постои“, со овие потресни зборови раководството на една од најреномираните издавачки куќи во земјава ја извести јавноста за огромната загуба. Во синоќешното невреме, водената стихија за само неколку часа збриша 27-годишен труд, оставајќи зад себе десетици илјади уништени наслови, техника и уништен целосен возен парк и инвентар.
Од издавачката куќа посочуваат дека главната причина за поплавата е несоодветната и јавна канализациска инфраструктура во реонот на Кисела Вода, која не успеала да го прими притисокот од дождовите.
„Загубата е огромна, и материјално и емотивно. Децении чесна и трудољубива работа на генерации луѓе кои го градеа овој дом на книгата се помножени со нула. Срцето ни е скршено, се чувствуваме целосно поразени“, стои во емотивното соопштение на „Антолог“.
Институционална незаинтересираност во критичните моменти
Од издавачката куќа упатија сериозни критики за реакцијата на надлежните служби за време на невремето. Тие истакнуваат дека во најкритичните часови, додека се обидувале да го спасат тоа што може да се спаси од поплавените простории, залудно чекале помош од институциите на кои им се обратиле.
„Тие неколку часа додека напразно чекавме кој било да дојде и да помогне, го одзедоа нашето минато, сегашност, а најверојатно и иднината“, велат од „Антолог“.
Сепак, тие изразија благодарност до Министерството за внатрешни работи и до сите граѓани поединци кои се појавиле на терен и дале поддршка во тешките моменти, немо гледајќи ја глетката на уништеното културно богатство.
Во овој момент, судбината на една од најпродуктивните македонски издавачки куќи е неизвесна. Книжевната јавност и љубителите на книгата веќе почнаа да споделуваат пораки на поддршка, надевајќи се дека ќе се најде начин да се ревитализира оваа значајна институција по претрпениот шок и огромната штета.