НОВА ВЛАДИНА ГЕОМЕТРИЈА: Вреди ги зема Правдата и Културата, Здравството повеќе не е нивно?

4

Коалицијата „Вреди“ ќе раководи со шест министерски ресори по претстојната владина реконструкција, потврди денеска првиот вицепремиер и генерален секретар на партијата, Беким Сали. Иако преговорите сè уште траат, веќе се исцртуваат новите граници на моќта, при што албанскиот партнер добива стратешки сектори, но ја губи контролата врз Здравство и борбата против корупцијата.

Беким Сали, во изјава за медиумите пред настанот по повод двегодишнината од дејствувањето на „Вреди“ во власта, ги наброја шесте министерства што ќе и бидат доверени на коалицијата: животна средина, економија, евроинтеграции, односи меѓу заедниците, како и новите преземања – правда и култура.

„За министерствата за правда и култура ќе предложиме две нови имиња, додека кај останатите сме задоволни од перформансот на актуелните кадри и тие ќе продолжат понатаму. Она што е сигурно е дека Здравство не е дел од овој пакет“, изјави Сали.

Кој губи, а кој добива во реконструкцијата?

Доколку се потврди оваа распределба, „Вреди“ влегува во ресори кои досега беа под контрола на партнерите:

  • Правда: моментално го води Игор Филков од ЗНАМ;
  • Култура: моментално го води Зоран Љутков од ВМРО-ДПМНЕ;
  • Односи меѓу заедниците: моментално го води Иван Стоиљковиќ.

Од друга страна, се чини дека „Вреди“ ќе мора да се откаже од неколку клучни позиции. Покрај Министерството за здравство, коалицијата веројатно ги губи вицепремиерското место за добро владеење (кое го држеше Арбен Фетаи), ресорот социјална политика, како и позицијата на Азир Алиу.

ЗНАМ чека до вторник: Димитриевски најавува засилување

Иако Беким Сали звучеше децидно, од движењето ЗНАМ порачуваат дека сè уште ништо не е конечно. Лидерот Максим Димитриевски изјави дека преговорите ќе се водат до вторник и дека неговата партија по реконструкцијата ќе биде „кадровски посилна“ во извршната власт.

„По реконструкцијата ЗНАМ ќе има поголем потенцијал за директна имплементација на власта, како во ресорните министерства, така и во пониските ешалони“, истакна Димитриевски.

Вторник се најавува како денот кога премиерот Христијан Мицкоски ќе ги склопи сите коцки и ќе го достави финалниот предлог за реконструкција до Собранието. Дотогаш, главната битка останува меѓу малите коалициски партнери за тоа кој ќе успее да ги задржи или прошири влијанијата во клучните државни ресори.

Македонски