ФИЛИПЧЕ НАЈАВИ „СЕРИОЗЕН РЕСЕТ“: Новата програма на СДСМ фокусирана на квалитетно образование, ефикасно здравство и енергетски реформи

7

Лидерот на СДСМ, Венко Филипче, во гостувањето во емисијата „Вин-Вин“ на телевизија Телма, ги претстави контурите на новата програмска рамка на партијата. Тој најави инклузивен процес на креирање политики со фокус на три клучни столбови: образованието, здравството и енергетиката, нагласувајќи дека на државата и е потребен итен системски „ресет“.

Претседателот на СДСМ истакна дека новата програма се подготвува во широка консултација со партиски и вонпартиски експерти, активисти и интелектуалци. Според него, целта е да се понудат решенија за сферите каде актуелната власт покажува потфрлање.

Образование: Крај на профитот на сметка на квалитетот

Филипче упати сериозни критики за состојбата во високото образование, посочувајќи дека хиперпродукцијата на факултети го уништила квалитетот и го маргинализирала научното истражување.

„Мора да се стави крај на моделот каде профитот е главна цел на универзитетите. Поради занемарување на квалитетот и научно-истражувачката работа, ниту еден наш универзитет не е рангиран на релевантните светски листи. Оваа сфера бара итен и сериозен ресет“, дециден е Филипче.

Здравство: Фондот како купувач на услуги за кратки листи на чекање

Во однос на здравствениот систем, Филипче предложи нов модел на функционирање каде сопственоста на установите нема да биде пречка за квалитетот на услугата. Неговата визија е Фондот за здравство да стане активен купувач на услуги, без разлика дали доаѓаат од државниот или приватниот сектор.

„Јавниот интерес мора да биде над сопственоста. Со ваков пристап ќе се скратат листите на чекање, ќе се заштедат буџетски средства, а граѓаните ќе добијат далеку поквалитетна услуга“, објасни лидерот на СДСМ.

Енергетика: Ресурсите да се користат за граѓаните, а не за злоупотреби

Филипче не го поштеди од критики ниту премиерот Мицкоски во делот на енергетиката, секторот кој важеше за негова најсилна страна. Тој оцени дека токму тука државата го доживеала „најголемиот дебакл“.

„Македонија има национални ресурси кои мора правилно да се распределуваат. Наместо вистинска искористеност, гледаме злоупотреби. Енергетиката е клучна сфера каде очекувавме многу, но добивме разочарување“, изјави Филипче.

Тој заклучи дека овие три области ќе бидат темелот на новата развојна политика на СДСМ, со која партијата планира да излезе пред граѓаните како алтернатива која нуди системски промени и суштинско подобрување на квалитетот на животот.

Македонски