СДСМ: Мицкоски поставува нови рокови за да ги прикрие неисполнетите ветувања и изостанокот на реформи

3

Опозицискиот СДСМ упати остри критики до премиерот Христијан Мицкоски по најавата за владина реконструкција до 1 јули. Од партијата обвинуваат дека премиерот користи нова „шминка“ и вештачки рокови за да го дефокусира вниманието на јавноста од неуспехот во спроведувањето на клучните реформи кои беа ветени за почетокот на јуни.

Според социјалдемократите, најавата за реконструкција на владиниот кабинет е само уште еден во низата рокови што Мицкоски ги поставува без притоа да испорача конкретни резултати. Од Бихаќка потсетуваат дека пред само неколку недели премиерот тврдеше дека до 1 јуни ќе бидат исполнети клучните реформски процеси, рок кој помина без никаков епилог или објаснување.

„Наместо да одговара за неисполнетите реформи, Мицкоски сега нè префрла на нов рок – 1 јули. Реконструкцијата на Владата е само обична шминка која не ги решава реалните проблеми на граѓаните. Таа не ги зголемува платите, не ги намалува цените и не го отвора патот кон Европа“, се наведува во партиската реакција.

„Преуредување на фотелји во тендер-коалицијата“

Од СДСМ сметаат дека најавените персонални промени се само „преуредување на фотелјите“ во рамките на, како што велат, истата неуспешна политика и „организирана криминална група“. Опозицијата прашува кој ќе понесе одговорност за тоа што Македонија останува блокирана на европскиот пат и покрај бомбастичните ветувања на власта.

„Мицкоски веќе долго време функционира на принципот ‘од први до први’. Секогаш има нов датум за нешто ново, а никогаш нема резултати за веќе ветеното. Тоа се само лажни ветувања и нова шминка за прикривање на реалноста“, велат од СДСМ.

Од партијата заклучуваат дека граѓаните веќе не веруваат во роковите на премиерот и дека од оваа, како што ја нарекуваат, „тендер-коалиција“, не може да се очекуваат вистински резултати, туку само продолжување на политичката стагнација.

Македонски