Обвинителството со зголемена бројката на ПИ мерки во 2025 година: Лани следени и снимани над 360 лица во борбата против организираниот криминал
Македонските јавни обвинители во текот на изминатата година значително ја зголемиле употребата на посебните истражни мерки (ПИМ). Според најновиот извештај на обвинителот Ненад Савески, поднесен до Собранието, во текот на 2025 година се воделе истраги со прислушување, следење и тајно снимање во вкупно 44 нови случаи, што е пораст за повеќе од четвртина во споредба со претходната година.
Вкупно 365 лица биле под постојан надзор на истражните органи во рамки на 56 различни кривични предмети. Резултатите од овие мерки се оценуваат како успешни, со оглед на тоа што довеле до покренување истраги, обвиненија и осудителни пресуди за најтешки кривични дела.
Што се прислушувало и снимало?
Истражителите најчесто ги користеле следните методи за прибирање докази:
- Следење и снимање надвор од домот: Оваа мерка била применета во 33 случаи против 107 лица. Најчесто траела до два месеци, а се користела за откривање убиства, трговија со дрога, перење пари и тероризам.
- Следење на електронски комуникации (прислушување): Во 28 случаи биле прислушувани вкупно 140 лица. Иако најчесто траело до два месеци, во одредени сложени предмети комуникациите биле под надзор дури и до осум месеци.
- Тајно снимање во домови и возила: Применето во два случаи поврзани со тероризам и организиран криминал, при што еден простор сè уште е под континуиран надзор на тајните служби.
- Прикриени агенти и симулиран поткуп: Во шест истраги биле вклучени агенти со прикриен идентитет кои се инфилтрирале во криминални групи, додека во исто толку случаи бил применет методот на симулирано давање и примање поткуп.
Абази и Скопското обвинителство – најактивни во примена на мерките
Очекувано, најголемиот број од овие истраги (вкупно 20) отпаѓаат на Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК), предводено од Ислам Абази. Ова обвинителство под надзор држело дури 335 лица. Веднаш по нив е Скопското обвинителство со 19 случаи, додека на подрачјето на Битола и Штип мерките биле користени во помал обем.
Интересно е што во текот на целата измината година, на подрачјето на Вишото јавно обвинителство во Гостивар не била применета ниту една посебна истражна мерка.
Како иницијатор за воведување на овие мерки во најголем број случаи се јавува Министерството за внатрешни работи (МВР), кое тесно соработува со обвинителите во документирањето на сложените криминални структури кои не можат да се разбијат со вообичаени истражни методи.