Голема акција на АХВ: Казнети млекари за измама на потрошувачите, уништени 500 килограми фалсификувано сирење

14

Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) откри сериозни неправилности и измами кај дел од македонските производители и увозници на млечни производи. Во рамки на обемна вонредна контрола, ветеринарните инспектори земаа 91 мостра од млеко, млечни и сувомесни производи за да утврдат дали нивниот состав навистина одговара на она што е напишано на декларациите.

Резултатите од првата фаза на анализи, која се фокусираше на млечните производи во големите маркети, откриваат фрапантни разлики меѓу ветеното на пакувањето и реалниот квалитет.

Декларирале 20%, а продавале производи со 1% млечна маст

Од вкупно 45 анализирани мостри од млеко и млечни производи, кај дури 10 оператори е утврдено дека производите не одговараат на Правилникот за квалитет. Најекстремниот случај на измама е забележан кај оператор со храна чие ситно сирење содржело само 1% млечна маст, иако на декларацијата стоело дека има 20%. За овој прекршок, на операторот му е изречена парична казна од 3.500 евра.

Дополнително, кај уште осум производители и увозници се утврдени отстапки во процентот на масти, за што секој од нив е казнет со по 1.050 евра.

Палмино масло наместо млеко – уништени половина тон производи

Инспекторите откриле и случај каде млечен производ бил „фалсификуван“ со употреба на растителни (палмини) масти, што е строго забрането според стандардите за млечни производи.
„На операторот му е изречена казна од 1.300 евра, а спорниот производ во вкупна тежина од 500 килограми е повлечен од промет и веднаш уништен на депонија“, соопштуваат од АХВ.

Контролите продолжуваат

Агенцијата најавува дека во тек се анализите и за сувомесните производи, за што јавноста ќе биде дополнително известена. Од АХВ се децидни дека засилените инспекции ќе продолжат со цел заштита на здравјето на граѓаните и спречување на нелојалната конкуренција и измамите на пазарот.

Сите оператори кои свесно ги доведуваат потрошувачите во заблуда во однос на квалитетот на храната ќе се соочат со ригорозни парични казни и забрани за работа.

Македонски