Хозе Карерас заедно со македонски ѕвезди ќе настапи на плоштадот Македонија
Шпанскиот тенор Хозе Карерас ќе пее на плоштадот Македонија во Скопје на 1 септември, како дел од настаните за одбележување на 35 години независност на Македонија. На настанот насловен како „Хозе Карерас и македонскиот ол-старс“ ќе настапат и некои од најпознатите македонски музичари Влатко Стефановски, Каролина Гочева, Калиопи, Сузана Спасовска, Наум Петрески, Игор Дурловски и Ана Дурловски.
Како што информираше денеска Бобан Милошески, од „Авалон продукција“, кој, заедно со Владата го организира настанот, прво ќе настапат македонските изведувачи со по неколку песни, а по нив концерт ќе има и Карерас. Милошески рече дека за присутните се подготвени и други изненадувања, кои ќе останат тајна.
„Ценам дека ваквиот начин на одбележување на независноста на Македонија како Влада покажуваме дека ни е важно и сакаме граѓаните да уживаат и достоинствено заедно со музичките великани да покажеме дека Македонија има капацитет и да организира настани за меѓународни ѕвезди, заедно со нашите најголеми ѕвезди. Мислам дека сите детали околу оваа организација веќе достојно беа презентирани и од организаторот, но и од учесниците, рече Марија Митева, потрпарол на Владата.
Настапот на Карерас и македоските ѕвезди ќе биде отворен за јавноста.