АКЦИЈА ПРОТИВ КОМАРЦИ ВО ЈУГОИСТОКОТ: Прскање во седум општини, апел за заштита на пчелите
Во текот на претстојните денови, четврток и петок, во седум општини од Југоисточниот плански регион ќе се спроведе ларвицидна дезинсекција насочена кон сузбивање на комарците. Информацијата денеска ја потврдија од Центарот за развој на Југоистокот, прецизирајќи ги термините за секоја општина поединечно.
Распоред на прскање:
- Четврток: Акцијата започнува во Радовиш (09:00 часот), а продолжува во Конче и Струмица со почеток во 12:00 часот.
- Петок: Дезинсекцијата ќе се врши во Валандово и Босилово од 09:00 часот, додека во Василево и Ново Село третманот ќе почне во 12:00 часот.
Препораки за граѓаните и пчеларите
Надлежните упатуваат апел до сите пчелари во овие региони навремено да ги преземат неопходните заштитни мерки за своите пчелни семејства со цел да се избегнат несакани последици. Дополнително, се советуваат граѓаните да избегнуваат движење на отворено во зоните каде што ќе се врши третманот во наведените периоди.
Од Центарот за развој појаснуваат дека реализацијата на планот зависи од метеоролошките прилики. Доколку временските услови бидат неповолни, дезинсекцијата ќе биде одложена за првиот нареден термин кога ќе има соодветни услови за работа.