РОКАДИ ВО СИНОДОТ НА МПЦ-ОА: Истече мандатот на владиката Петар, митрополитот Наум влегува во работниот состав
Светиот архијерејски синод (САС) на Македонската православна црква – Охридска архиепископија (МПЦ-ОА) направи кадровски промени во својот работен состав. Поради истекување на мандатот, владиката Петар повеќе не е дел од ова тело, а на негово место, одлуката на Синодот во полн состав, го поставува митрополитот Струмички г. Наум.
Со оваа промена, во следниот период тричлениот работен состав на Синодот ќе го сочинуваат поглаварот, архиепископот г.г. Стефан и митрополитите Наум и Агатангел. За заменик на митрополитот Наум е назначен митрополитот Европски г. Пимен.
Комисија за финансиите на новите епархии – статусот на поранешната ПОА на чекање
На денешната седница, Синодот донесе одлука за формирање специјална комисија која ќе има задача да ја разгледува материјално-финансиската состојба на новоформираните епархии. Овој потег покажува дека раководството на МПЦ-ОА сè уште нема донесено конечна одлука околу статусот и барањата на владиците кои претходно беа дел од Православната охридска архиепископија (ПОА).
Во официјалното соопштение од седницата не се откриваат детали дали на дневен ред биле ставени и одредени барања на владиката Петар.
Фонд за многудетни семејства и апел за заштита на црквите
Разгледувајќи ги годишните извештаи од епархиите во земјава и дијаспората, владиците изразиле сериозна загриженост за демографските показатели кај македонскиот народ. Како одговор на овој тренд, Синодот донесе одлука за основање на Фонд за поткрепа на многудетни семејства.
Аларм е вклучен и за физичката состојба на културно-историското наследство. Синодот со жалење констатираше дека поради недостиг на стручни конзерватори, богатството во македонските храмови и манастири се наоѓа во лоша состојба. Упатен е апел до надлежните државни институции итно да преземат мерки за заштита на наследството.
Во делот на црковното образование, Синодот ја поздрави работата на Управата на Богословијата, која за учебната 2025/2026 година успешно воведе четиригодишна наставна програма. Уписот за новата генерација богослови е закажан за 19 јуни 2026 година.