НОВО ЗАДОЛЖУВАЊЕ ОД 260 МИЛИОНИ ЕВРА: Власта вели дека парите се за капитални проекти и стари долгови, СДСМ обвинува за финансиска агонија
Собранието на Република Северна Македонија денеска по скратена постапка го изгласа Законот за задолжување за општи буџетски потреби во износ од 260 милиони евра. Законското решение помина со 65 гласа „за“, 14 „против“ и ниту еден воздржан, во атмосфера на остра дебата меѓу власта и опозицијата.
Услови на заемот: Варијабилна камата и провизии
Според заменик-министерот за финансии, Николче Јанкуловски, финансиската инјекција ќе се искористи за сервисирање на општи буџетски потреби, реализација на капитални инфраструктурни проекти и отплата на стари долгови, пред сè еврообврзницата од 700 милиони евра земена во 2020 година.
Средствата ќе бидат повлечени од конзорциум на меѓународни банки (КфВ ИПЕКС, Банко Билбао Визкаја Аргентарија, Ерсте, АКА Аусфухкредит-Гезелшафт и Мерил Линч). Заемот ќе се реализира во една транша со рок на отплата од седум години, преку девет еднакви полугодишни рати и тригодишен грејс-период. Каматата е варијабилна, базирана на шестмесечниот ЕУРИБОР плус 2,1 отсто маржа. Државата ќе плати и еднократна провизија од 1,4% од вкупниот износ, како и 12.500 евра годишна провизија за агентот на заемодавачите.
Владата: Обезбедуваме ликвидност и враќаме туѓи долгови
Заменик-министерот Јанкуловски ги отфрли обвинувањата на опозицијата како манипулација.
„Ништо не е случајно, ниту инцидентно за да правиме циркус. Станува збор за финансирање инфраструктурни проекти и сервисирање стари долгови. Половина од еврообврзницата веќе вративме предвреме, а остатокот го покриваме без дополнителни задолжувања. Целта е континуирана ликвидност на буџетот“, истакна Јанкуловски.
Пратениците од владејачкото ВМРО-ДПМНЕ, поддржани од Малиша Станковиќ од Социјалистичката партија, директно го вперија прстот кон претходната влада.
„СДСМ ја закопа Македонија во долгови. Во ваше време јавниот долг експлодираше. Денес плаќаме милијарди за вашите долгови и огромни камати што значат помалку пари за болници и училишта. Овој кредит е земен по најповолните услови на пазарот“, порачаа од мнозинството.
СДСМ: Владата трупа долгови, буџетот се распаѓа
Од опозициската СДСМ жестоко го критикуваа задолжувањето, оценувајќи го како доказ за исцрпеноста на државната каса. Пратеникот Фатмир Битиќи нагласи дека меѓународните финансиски пазари ја покажуваат вистинската економска слика на земјата.
„Владата бараше 300 милиони евра, а доби само 260. Оваа разлика е директна порака – банките ја мерат способноста за отплата преку дефицитот и кредибилитетот на фискалната политика. Кога добивате помалку од бараното, тоа значи дека довербата има цена и граници“, рече Битиќи.
Неговиот сопартиец Митко Трајчулески обвини за кршење на собраниските процедури и ја прозва министерката за финансии за нејзиното отсуство од седницата.
„Државата е во финансиска агонија, буџетот се распаѓа. Министерката која делеше покани преку Фејсбук денеска комитски избега од седницата. Ова е доказ за целосно погрешно буџетско планирање и вештачко пумпање на приходната страна“, потенцираше Трајчулески.
По исцрпувањето на дебатата по оваа точка, претседателот на Собранието, Африм Гаши, ја прекина 102. седница, наведувајќи дека не постојат услови за преминување на следната точка од дневниот ред.